Историски слободен удар на Меси со кој го симна од тронот Герд Милер

Не се бројат повеќе рекордите на човекот кој само ги поместува границите во фудбалот, а ниту неговите евроголови. Синоќешниот датум, 14 јануари 2018-ма долго ќе се памети, бидејќи сруши страшен рекорд поставен во 70-те.

Реал Сосиедад во првите половина час игра имаше сензационално водство од 2:0 против лидерот на табела, но бадијала се радуваа на изненадувачката предност, бидејќи Барса во вториот дел за исто толку време им направи пресврт.

Со погодокот на Паулињо и двата погодоци на Суарез на семафорот во 71-ва минута стоеше 2:3, а круна на гостинскиот триумф на Каталонците беше мајсторијата на Меси на 5 минути до крајот.

Голманот не мрдна, а коментаторот грабна да се смее.

За Меси е ова е гол број 366 во Ла Лига на 401 меч со што го сруши неверојатниот рекорд на Герд Милер кој со 365 погодоци на 427 средби за Баерн Минхен (1964-1979), беше најпрецизен фудбалер за еден клуб во топ 5 лигите.

Со оваа победа, Барселона успеа да го разбие малерот во Сан Себастијан, каде немаше освоено 3 бода од 2007-ма година.

Голот на Меси за рушење на четири деценискиот рекорд на Милер е до толку добар, што вреди да се погледне и од друг агол.

Да беше само голот за издвојување

Вкупно на сите натпреварувања Меси има 530 голови на 611 меча за Барса, која на 25 ноември минатата година му стави клаузула на неговиот договор до 2020/2021 од неверојатни 700 милиони евра.

Се зборува дека Меси само за потписот на најновиот договор земал бонус од 50 милиони евра, а тоа ќе биде сумата и на неговата годишна плата без бонуси.

15 јануари 2018 - 10:47