Исланѓаните ги продадоа влезниците додека сите спиеле

Цел Исланд со нетрпение го очекуваше стартот на продажбата за историскиот бараж натпревар против Хрватска, но кога утрово се разбудија, влезниците веќе беа распродадени. Скандалозната продажба на интернет започнала во 4 часот наутро.

Фудбалската асоцијација на Исланд успеа со многу труд и професионална работа да го подигне нивото на фудбалот во оваа земја и да ја одведе репрезентацијата на чекор до пласман на Светското првенство, но и тие знаат да донесат по некоја аматерска одлука.

Кога утрово Исланѓаните се разбудиле, влезниците веќе биле продадени. Нивната продажба започнала во 4 часот наутро и сите влезници се продале за околу 3 часа. Навивачите не знаеле точно во колку часот ќе започне продажбата, а се шпекулирало дека стартот ќе биде во 10 или 12 часот, но никој не очекувал толку рано.

Челниците на Фудбалската федерација се обидоа да се оправдаат со тврдење дека ќе паднел серверот заради големиот интерес, па морале да започнат порано. Но разочараните навивачи тврдат дека спонзорите и блиски луѓе на челниците на федерацијата биле информирани за времето на стартот на продажбата и ги купиле сите влезници.

Стадионот на кој ќе се одигра натпреварот помеѓу Исланд и Хрватска на 15 ноември има капацитет за само 9.800 гледачи, а околу 1.000 влезници ќе им бидат дадени на хрватските навивачи.

Веќе почнаа да се објавуваат и огласи за влезници на неколку исландски сајтови и тие се продаваат по неколку пати повисока цена.

30 октомври 2013 - 12:29