И во Шпанија се убиваат за фудбал

Пред почетокот на дуелот Атлетико Мадрид - Депортиво вчера во 12 часот претпладне, навивачите на двата тима се судриле на 3 локации во Мадрид, при што загина еден гостински навивач, кој бил фрлен во реката Манзанарес.

Судирите меѓу двете навивачки групи почнале веднаш откако гостите од Ла Коруња пристигнале во Мадрид. Најголемите инциденти се случиле во паркот Рио Мадрид, во близина на стадионот на Атлетико, Висенте Калдерон. Инцидентите се случиле во 9 часот, период кога немало многу минувачи во пешачката зона.
 
Според извештајот на мадридската клиника, навивачот на Депортиво, Франциско Хозе Ромеро (43) пред да биде фрлен во реката Манзанарес имал повреди на главата и доживеал срцев напад. Во меѓувреме се уапсени 120 лица, меѓу кои 20 се осомничени за убиството на Хозе Ромеро, припадник на групата The Smooths, eдна од порадикалните на стадионот Риазор. 

Френте Атлетико, најбројната група навивачи на мадридскиот клуб фрлила во реката уште еден навивач на Депортиво, но веднаш бил извлечен и имал само повреди на нозете. Освен убиениот Ромеро, имало и 11 сериозно повредени учесници во тепачката. Шпанските медиуми пренесоа дека меѓу гостинските навивачи имало и припадници на локалните мадриски групи Bukaneros (Рајо Ваљекано) и Alkor Hooligans (Алкорон).

„Страшно е тоа што се случи. На идиотите не им е место во фудбалот. Се надевам дека што поскоро ќе се откријат сторителите на ова гнусно дело. Ова не е фудбал и нема ништо со фудбалот", изјави Анхел Жил Марин, претседателот на Атлетико Мадрид

Атлетико го доби натпреварот 2:0, но сè мина во сенка на убиството на навивачиот на Депортиво Ла Коруња. Пред крајот од мечот, во знак на солидарност, присутните навивачи на Атлетико разменуваа шалови со гостинската публика.

Моментот кога Хозе Морено е фрлен во реката се гледа на 35. секунда.
1 декември 2014 - 10:56