Грдите пајчиња посилни од милионите на ПСЖ

Во битката на Давид и Голијат, малиот француски клуб Мопеље со инвестиција од само два милиони евра ги победи катарските милиони на ПСЖ.

Нигериецот Џон Утака беше двоен стрелец на гостувањето кај Оскер при победата од 1:2 на Монпеље со што „грдите пајчиња" како што тренерот Жирар си ги нарекуваше своите фудбалери, му ја донесоа првата титула во историјата на овој клуб.

На тој начин Монпеље не само што го победи ПСЖ во битката за титулата, го победи и на финансиски план. Големиот аутсајдер за кого обложувалниците пред почетокот на сезоната понудија коефициент 80 дека може да ја освои титулата, ги изненади сите и со храбра и офанзивна игра успеа да ги победи и милионите на ПСЖ.

Катарците го донесоа Карло Анчелоти и вложија вкупно 106 милиони евра на нови засилувања, а Монпеље пред почетокот на сезоната во нови играчи вложи само два милиони евра.

Во град со само 250.000 жители познат по ракометниот и рагби клубот, Монпеље на своите натпревари привлекува во просек по 17.000 гледачи, а за разлика од модерениот тренинг центар на ПСЖ, малиот клуб од јужна Франција тренира на општинскиот терен.

Монпеље е еден од најстарите фудбалски клубови во Франција и учествувал во формирањето на француската лига заедно со Марсеј, Рен, Сошо и Ница, но се досега најголеми успеси на клубот беа титулите од купот во 1929-та и 1990-та година.

Клупска легенда на Монпеље е моменталниот селектор на француската репрезентација, Лорен Блан, а за овој клуб во минатото играле Ерик Кантона, Карлос Валдерама и Роже Мила.

По надминувањето на финансиските проблеми Монпеље се врати во француската елита во 2008-та година, а од 2009-та година започна ерата на Рене Жирар. Поранешниот селектор на младинската репрезентација го воведе препознатливиот напаѓачки стил на игра на Монпеље, а тоа вроди плод оваа сезона.

Зад клубот стои еден од најконтроверзните фудбалски работници, Луи Николен. Дури ни тој не веруваше во успехот на својот тим и неодамна изјави Монпелје шампион на Франција? Ако бев Марсеј, ПСЖ, Лион, Лил или Рен, би си пикнал колбас во задникот! Каков срам би било тоа за нив."

Николен дури вети и дека доколку Монпеље ја освои титулата тој ќе си ја направи позната фризура „мохиканка". Луи Николен е човек од збор и си го исполни ветувањето.

21 мај 2012 - 22:24