Голот на Митровиќ кој влезе во аналите на англискиот фудбал

Српскиот репрезентативец, Александар Митровиќ едноставно е неверојатен и незапирлив сезонава. Гол машина која успеа да сруши рекорд стар три децении.

Реал се гордее со Бензема, Баерн гази со Левандовски, а Фулам го има Митро кој сезоната 2021/2022 ја направи историска за себе, клубот и Чемпионшип лигата.

Во претпоследното коло Фулам го декласираше Лутон со 7:0, а Митровиќ постигна два гола кои се од историско значење.

Со првиот број 42, го стигна Гај Витингем кој даде исто толку голови во сезоната 1992/1993, а со вториот во судиското продолжение дојде до 43. Ја доби наградата и за играч на сезоната.

Тоа значи дека популарниот српски центарфор е нов рекордер по број на погодоци откако постои Чемпионшип во овој формат. По 45 кола има 42 настапи, 43 гола. Неверојатна статистика.

Вкупно во целата 130 годишна историја на оваа лига најдобар стрелец е Џорџ Камсел кој во сезоната 1926/1927 постигнал 59 гола за Мидлзброу, но тогаш лигата се играла со 22 екипи и се викала Втора дивизија.

Инаку Фулам е вториот тим после Манчестер Сити во сезоната 2001/2002, кој успеал да постигне минимум 100 голови во една сезона. Сити тогаш даде 108, а Фулам стигна до 106 на 45 натпревари.

Следниот предизвик им се вика Премиер лига.

Голот број 42

Голот број 43

Последниот свиреж на мечот

3 мај 2022 - 13:43