Годишнина од самоубиството на Гери Спид

На денешен ден пред една година во неговиот дом беше пронајдено безживотното тело на Гери Спид. Тогашниот селектор на фудбалската репрезентација на Велс си го одзеде животот со бесење, а фудбалскиот свет веќе цела година си го поставува прашањето: „Зошто?"

Спид важеше за стабилна личност и по завршувањето на неговата кариера како фудбалер, изгради репутација на еден од најинтелигентните млади фудбалски тренери. 42-годишниот Спид водеше живот на кој многумина може да му позавидат и беше оженет и татко на два сина.

Легендата на Премиер лигата својата слава ја доби уште во неговиот прв клуб, Лидс Јунајтед каде настапуваше осум сезони и ја освои шампионската титула во 1992-та година, а подеднакво беше почитуван и во Евертон, Њукасл и Болтон. Бранејќи ги боите на овие клубови тој стана првиот фудбалер кој стигна до 500 настапи во Премиер лигата.

Гери Спид одигра 85 натпревари за репрезентацијата на Велс, а во 2010-та година на селекторската функција го наследи Џон Тошак и требаше да го предводи националниот тим на натпреварите против Македонија во рамките на квалификациите за Светското првенство во 2014-та година.

Причините за самоубиството на Спид се сè уште мистерија. Само неколку часа пред неговото самоубиство тој во одлично расположение бил гостин на емисијата на БиБиСи и во неговиот живот не постоеја никакви знаци дека може да се случи таква трагедија.

27 ноември 2012 - 09:09