Фудбалерки од Нигерија заработуваат од проституција

Сиромаштијата во афричките земји не познава граници, а од неа страдаат и фудбалерките кои земаат по 150 евра месечно, немаат основни услови за живот, играат со празен стомак, а од нив се очекува да имаат врвни резултати.

Поговорката „парите го вртат фудбалот" очигледно дека не важи за цел свет, а најмалку за женскиот фудбал во Африка, каде некои фудбалерки од првата нигеријска лига се приморани да нудат секс услуги за да го истуркаат месецот.

Најочајна се чини е ситуацијата во прволигашниот клуб Квинс каде фудбалерките се случува да не земаат плата и по 18 месеци. Според сведочењата на неколку анонимни членки на овој тим последната плата која ја земале било во март минатата година.

„Никој не ни дал храна речиси 2 години. Во овие тешки моменти кога не сме земале плата 18 месеци, треба самите да се снаоѓаме за да преживееме. Јадеме само по еднаш дневно, а од нас очекуваат да бидеме најдобри на теренот“, изјави анонимна фудбалерка на Квинс.

Фудбалерките во Нигерија заработуваат од 150 до 300 евра месечно, немаат здравствено осигурување, имаат ужасни автобуси, а некои мораат да спијат под отворено небо.

„Ние сме девојки, но нема никави услови за нас во тренинг кампот. Имаме семејства за кои треба да се грижиме, но не не плаќаат. Во декември минатата година ни рекоа дека ќе ни ги исплатат платите, но тоа не се случи, па затоа некои од колешките се приморани да заработуваат од проституција", вели фудбалерката.

Оваа ситуација во клубот Квинс ја потврдија и тренерот и претседателот кој впрочем е и прв човек на женската прва лига во Нигерија, а тие очекуваат финансиска помош од владата која била известена за случајот.

15 јули 2013 - 17:19