Фудбалерите на Реал Мадрид нишанат најпрецизно

Кога судијата ќе означи почеток, првата и главна задача е како најбрзо и без утки да се постигне гол. Во Италија заедно со Јуве, тоа со најмалку обиди го прават играчите на Палермо кои се попрецизни дури и од Манчестер Јунајтед, Сити, Арсенал, Баерн Минхен.

Според анализата на Фудбалската Опсерваторија од Швајцарија, фудбалерите на Реал Мадрид во конкуренција на најсилните 5 лиги од Европа се најпрецизни во постигнувањето на голови. Во просек сезонава, тие се радуваат еднаш на секои 5,4 обиди, а се успешни скоро исто и во двете полувремиња.

Најзаслужен за тоа е Кристијано Роналдо кој сезонава во првенството има постигнато 18 голови на 28 меча, а втор е Герет Бејл со 10 голови на 16 средби како стартер.

На врвот на оваа листа направена со сите 98 клубови, се наоѓаат уште три шпански екипи. Втора е Валенсија која постигнува гол од 5,7 обиди, трет е Атлетико Мадрид (6), а четврти се фудбалерите на Барселона кои стрелаат прецизно еднаш на 6,6 обиди.

Од Премиер лигата најмалку се мачат за гол, фудбалерите на Челси кои погодуваат еднаш од седум обиди, а по нив се Манчестер Јунајтед и Саутемптон на кои им се потребни просечно 7,6 обиди. Головите на тимот на Мурињо доаѓаат најчесто од Диего Коста кој има 17 на 19 средби.

Изненадувачки во Бундес лигата, Баерн Минхен не е најуспешен во оваа статистика, туку три екипи зад кои стои иста бројка. Тоа се Ајнтрахт Франкфурт, Херта и Шалке кои постигнуваат гол од 6,9 обиди.

Во Франција прв е Лион (6,7), а потоа ПСЖ (7). Во Серија А, фудбалерите на Палермо и Јувентус имаат ист нишан (7,5) и подобар од колегите на екипи како Милан, Интер, Рома, Наполи, Лацио, Фиорентина.

Астон Вила е на претпоследно место во оваа конкуренција, а најмногу се мачи во вторите 45 минути.

„Оваа анализа ги рефлектира среќата во ефикасност и тешкотијата за да се направи добра позиција за удар. На пример Астон Вила има постигнато само два гола од 109 обиди во второ полувреме“, велат аналитичарите од Швајцарија.

Статистиката со сите клубови од петте најсилни лиги во Европа ја имате ТУКА.

27 јануари 2015 - 17:00