ФИФА одобри нова технологија за гол линијата

Германската компанија „Каирос" ја доби концесијата од Светската куќа на фудбалот за користење на новата гол технологија, која за прв ќе биде испробана на Светското фудбалско првенство во Бразил 2014 година.

ФИФА го одобри користењето на гол технологијата на компанијата „Каирос" откако беше успешно тестирана од страна на независниот швајцарски институт „ЕМПА" во регионалните лиги во Германија во периодот од 18 до 20 декември минатата година.

„Каирос" е една од првите компании заедно со „Адидас" кои ја развија технологијата со вметнување на микрочип во топката. Првите тестирања во 2005 година беа неуспешни, но откако „Адидас" се откажа од намерата, технологијата успешно ги мина тестовите.

Претходно ФИФА ги одобри двата нови технолошки системи. Технологијата „око соколово" веќе се користи во тенисот и крикетот и таа е базирана на снимки од повеќе камери, а во „гол-реф" се користи магнетно поле и специјална топка за разрешување на спорните ситуации за тоа дали топката ја поминала гол линијата или не.

Новиот вид на технологија е многу практичен систем сличен на „гол-реф", кој со помош на магнетно поле, многу брзо се открива дали во дадената ситуација имало погодок. На специјалниот часовник кој ќе го носат судиите, по само една секунда ќе добијат сигнал дали топката ја минала гол линијата.

Еден од овие три системи за решавање на спорните ситуации во фудбалот, од наредната сезона ќе бидат воведени и во Премиер лигата.

25 февруари 2013 - 14:48