ФИФА доживотно суспендираше англиски фудбалер за местенки

Мајкл Боатенг кој потекнува од младинската школа на Кристал Палас бил стимулиран со мито и обработувал за двајца посредници кои се поврзани со странски криминални обложувачки мафии.

Младиот 23 годишен играч кој игра во одбрана, бил регрутиран за местење натпревари додека настапувал за полупрофесионалниот тим Вајтхок кој е дел од шестата англиска лига, а информациите од полицијата стигнале преку новинарите на Телеграф кои го откриле случајот.

„Доживотната забрана која беше донесена од Фудбалската асоцијација на Англија против Мајкл Боатенг од Англија, беше процесуирана и од ФИФА за да има ефект во меѓународни рамки“, стои во соопштението на ФИФА.

Мајкл ги признал обвиненијата од страна на ФА за прекршување на неколку правила, како примање мито, подароци, награди и други недозволени работи кои го натерале да влијае во исходот и однесувањето на натпреварите.

На судењето во Бирминген било докажано дека работел за 33 годишниот Чан Санкаран од Сингапур и 44 годишната Кришна Ганешан, која е по потекло од Шри Ланка, но има и британски пасош.

Тој веќе издржува 16 месечна затворска казна, додека двајцата посредници кои планирале да изградат мрежа на корумпирани играчи добија по пет години затвор. Според Националната агенција за спречување криминал целта на Санкаран и Ганешан била да влијаат во резултатите на нисколигашките натпревари и да ги известуваат меѓународните мрежи кои потоа генерираат огромни суми на пари во кладилница.

4 март 2015 - 15:44