Епска бламажа на Ајакс за неверување, елиминиран е во Куп од четвртолигаш со гол во 93-та

Херкулес се наоѓа на 10 позиција во четвртата холандска лига, а Ајакс е 36 кратен првак и четири кратен европски првак со 20 Куп трофеи. Тренерот се држеше за лице и не можеше да го апсорбира нереалниот успех кој го направија.

„This Is Why We Love Football“ е можеби клише фраза, ама 100% адекватна за ова чудо кое одекна од Холандија.

Ајакс, поим за фудбал во Холандија и пошироко, асоцијација за Јохан Кројф, клуб кој важи за еден од најуспешните во светот во 20-ти век елиминиран е во 16 финале од домашниот куп од четвролигашки анонимуси.

Херкулес на прва ќе ве потсети на истоимениот шпански клуб кој исто така е дел од четвртата лига, но нив ги паметиме и како прволигаши.

Холандскиот Херкулес е друга приказна и прв аматерски клуб кој успеал да го исфрли Ајакс во Куп во нивната 123 годишна историја.

И тоа во натпревар со голема неизвесност и драма. Водеа 2:0, а Ајас успеа да се врати со два гола дури во 84-та и 89-та минута. Мега херојот се вика Гротенберг, а историјата ја испиша со погодок во 93-та минута.

 

Инаку Херкулес е стар клуб, формиран 1882-ра година, постар е и од Ајакс кој постои од 1900-та. Но, со нула историја.

На Википедија едвај има два пасоси за нив, а меѓу неколкуте реченици, влезе овој нереален успех против Ајакс.

Играат на терен со 1.000 седишта кој повеќе личи на помошно игралиште. Коефициентот за освојување на Купот е 100.

Инаку Ајакс го има најлошиот старт во историјата, а освен најсрамната елиминација во Куп, не успеа да помине ниту групи во Лига Европа. 

Заврши трет на табела со една победа, во конкуренција со Брајтон, Марсеј и АЕК и продолжи во Конференциска лига.

Во првенство е петти со 25 бода, а лидерот ПСВ има 48. Зборуваме за тимот кој пред само четири години ги исфрли во нокаут фазата од ЛШ, Реал Мадрид и Јувентус.

22 декември 2023 - 09:42