Дојде и тоа: Премиер лига ќе има зимска пауза

Од сезоната 2019/20 најдобрата англиска фудбалска лига ќе има двонеделен одмор во месец февруари, со цел играчите да бидат одморени за европските натпреварувања и првенства.

Првпат после децении полемики и дискусии Премиер лига ќе здивне во зимскиот период. Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) верува дека оваа одлука ќе и помогне на репрезентацијата да биде успешна на идните Светски и Европски првенства.

Раководните луѓе на ФА се договориле да ја префрлат петтата рунда од ФА Купот во работна недела наместо за викенд како и да ги скратат повторените дуели ако меч од 5. коло во ФА Купот заврши нерешено како што беше досега. Притоа едно коло од Премиер лигата ќе се помести преку два викенди што значи дека Премиерлигашите ќе добијат двонеделен одмор во февруари - нешто што одамна го има во другите европски лиги.

Новогодишните и Божиќните кола ќе се играат и натаму затоа што тоа е традиција долга неколку децении и плус се атрактивни за носителите на ТВ права.

„Долги години зборувавме за овие промени но немаше услови за соработка каква што има денес. Беше потребна силна ФА за да може да ги помести терминити“, вели Мартин Глен, извршен директор на фудбалската федерација и додава дека репрезентативците на Англија ќе бидат добро одморени за Европското 2020 а англиските клубови ќе имаат свежи играчи за Лига на шампиони.

Глен потврдил и дека до третото и четврто коло на ФА Купот ќе има повторни дуели при нерешен резултат на првиот меч затоа што тоа драстично финансиски им помага на екипите од пониските лиги.

„Силно веруваме дека никогаш нема да ги смениме правилата за трето и четврто коло затоа што есенција на Купот е giant-killing (падот на фаворитите) што е една од причините за големата популарност на ФА Купот во странство. Тоа не го менуваме“.

Постојат докази дека зимската пауза која веќе одамна ја има во Германија, Италија, Франција и Шпанија може физички и ментално добро да им дојде на фудбалерите.

Едно истражување на УЕФА објавено во 2013 покажало дека четири пати е поголема веројатноста играч да се повреди во последните три месеци од сезоната во Премиер лигата отколку во истиот тој период во други Европски лиги.

Првиот одмор во Премиер лига ќе почне од 2020 година и ќе биде на проба три години. Ќе им помогне на англиските репрезентативци 10 дена одмор пред Европското тоа лето кога Вембли ќе биде домаќин на седум меча заклучно со полуфиналињата и финалето.