„Црвената Фурија“ преку пенали до финале

По тешка и исцрпувачка битка од 120 минути без голови, големите фудбалски сили во второто полуфинале од Купот на Конфедерации патот до финалето си го решаваа со удари од белата точка. По долгото изведување пенали, Бонучи беше трагичар, а Хезус Навас го постигна голот за финале на Шпанија.

Светскиот шампион уште на стартот се обиде да се наметне со својата препознатлива игра која не вроди со плод. Шансите на мечот се случуваа пред голот на Икер Касиљас кој беше на маки околу десетина минута кога Италија притисна и не ги искористи приликите за водство.

Џилардино кој беше единствен напаѓач во стартниот состав на Прандели доби употреблива топка од Кандрева, но шутираше покрај голот. Веднаш потоа Де Роси со долг пас го пронајде Маџо кој не успеа да се снајде во шеснаесетникот, а во тие еуфорични моменти за „Аѕурите" непрецизни со глава беа Де Роси и Маркизио.

Најсериозната шанса на мечот се случи во 35 минута кога Џакерини одлично измами двајца противнични играчи и го пронајде Маџо кој од само неколку метри не успеа да го совлада одличниот Касиљас. Шпанците возвратија преку Торес кој по 2 минути го издрибла Барцаљи и биеше покрај голот.

Вториот дел од мечот беше помалку атрактивен без многубројни шанси како во воведните 45 минути. Италијанците не дозволија „Црвената фурија" да доминира како во финалето на ЕУРО 2012 и беше рамноправен противник, а на моменти и подобар. На 5 минути од крајот на мечот Пике беше одлично проигран во шеснаесетникот но биеше над голот.

Големата неизвесна битка по регуларните 0:0 продолжи во продолженија два пати по 15 минути. Селекцијата на Италија пропушти златна шанса за гол откако Џакерини ја погоди стативата, а Шпанија конечно направи една од препознатливите убави акции која Жорди Алба не ја круниса со гол.

Стативата ја погодија и Шпанците на 5 минути до крајот на второто продолжение преку Чави кој упати проектил од околу 25 метри. По само една минута опасно по левата страна влезе Хезус Навас кој биеше без размислување но на само неколку сантиметри до стативата. Фудбалерите на Дел Боске притискаа во финишот и имаа поголема сила но не успеаа да ја затресат мрежата. 

Во пенал серијата  фудбалерите на двете селекции беа неприкосновени и по 12 прецизни удари, по 6 на двата состава, дефанзивецот Бонучи шутираше високо над голот, а Хезус Навас погоди за финале против Бразил кое е закажано за 30 јуни.

27 јуни 2013 - 23:50