Сите се прашуваат како? Дали затоа што отсекогаш имал прилично луда глава, физички бил силен и идеален за напаѓач, како и техника која пред 20 години го импресионираше Интер или нешто друго. Тој вели дека тајната лежи во неговиот врат. Практично целото тело на Маурицио Пиниља е истетовирано со разни моменти и личности од неговиот живот, а на почетокот од вратот има нацртано две крилја.
„Крилјата ја претставуваат слободата, ме оддржуваат во воздух кога правам салто“, изјави Пиниља по новиот гол за ножички викендов против Сасуоло.
Инаку, фудбалерот на Аталанта стана крал на головите со ножички затоа што обично шутира со спротивната нога од онаа која логично се наметнува по центаршутот. На пример ако центаршутот доаѓа од лева страна, логично е координацијата на телото да сугерира акробатски ножички со лева нога.
Сепак, Пиниља на изненадување на сите шутира со спротивната нога и дава гол. Во Аталанта се навикнати: За осум месеци во црно-синиот дрес, ова му беше четврти гол со ножички. Даваше против Каљари, против Торино, против Чезена и сега викендов против Сасуоло. Господин Пиниља, човекот што го гледа светот од друг агол.
Меѓу бројните тетоважи, Пиниља има и една со неговиот шут во пречка против Бразил на Светското лани, со натпис „Сантиметар од славата“. Ако сега е близу славата, во минатото беше многу далеку. На времето Пиниља можел да зборува како Џорџ Бест: „Потрошив многу пари на алкохол, жени и брзи коли. Сè што имав потрошив“. Маурицио го потрошил дури и својот голем талент.
20 голови на 19 години како играч на Универзидад де Чиле, повик од Интер преку Заморано, па позајмицата во Киево. Следуваа шеги, зафркавање, проблеми, малку настапи и нула голови. Потоа почна патот околу светот: Шпанија, Португалија, Шкотска, Бразил, Кипар... Повеќе проблеми отколку голови.
Бил на чистење од алкохол во Марбеља, имал проблеми со анксиозност и на крајот решил да се врати во Италија. Во дресот на Гросето дава 24 голови на 24 натпревари. Подоцна премина во Палермо каде се родила неговата втора ќерка, играше уште и за Каљари, Џенова и сега е во Аталанта.