Бразилскиот Трамп го враќа фудбалот и за вирусот вика дека е грипче

Според најновите информации, Бразил на 18-ти јуни го рестартира фудбалот. На легендарната Маракана каде има мобилни болници за заразени од КОВИД-19 треба да се сретнат Фламенго и Бангу и покрај пандемијата.

Бразил неделава се искачи на второ место во светот по бројот на смртни случаи од коронавирус откако ја надмина и Велика Британија. Во оваа јужно-американска земја има повеќе од 42.000 смртни исходи, а Бразил е втор и по број на заразени со 851.000, веднаш зад САД.

Ситуацијата ја сложнува претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро кој ги игнорира препораките од СЗО, не носи маска, го нарекува вирусот грипче, за еден месец се замерил и се скарал со двајца министри за здравје (и двајцата биле за воведување ограничувања - едниот бил отпуштен, другиот дал отказ), а често ги критикува и гувернерите на државите за тоа што преземаат мерки против пандемијата.

Жаир Болсонаро, контроверзниот претседател на Бразил не држи ниту социјална дистанца:

БОЛСОНАРО СЕ ЗАЛАГА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ФУДБАЛОТ, ПРВИОТ МЕЧ ЌЕ БИДЕ НА МАРАКАНА НА 18-ТИ ЈУНИ, А ТАМУ ИМА МОБИЛНИ БОЛНИЦИ

Фудбалската федерација на Бразил, во договор со медицинските власти, долго време го разгледуваа рестартот на фудбалот. Два клуба од големата четворка од Рио настапија против враќање на фудбалот.

Ботафого и Флумминенсе не се вратиле ниту на тренинзи, а директорот на Ботафого Карлос Монтенегро рекол дека се спремни да изгубат и бодови ама нема да излезат на терен. Тој рекол дека враќањето сега е рамно на самоубиство.

Фламенго и Васко да Гама се соединија со помалите клубови кои сакаат рестарт со цел да ги вратат приходите. Се ќе зависи од ситуацијата со пандемијата, но во Бразил според стручњаците не е пројден пикот на пандемијата.

Раководителот на СЗО Мајк Рајан уште во мај месец ја нарече Јужна Америка нов епицентар на заразата од КОВИД-19, а Бразил го прогласи за најзагрозена земја. Притоа, според оценките на експертите, реалната состојба на заболени во земјата може да биде 12-15 пати поголема ако се тестираат повеќе лица.

Но претседателот на Бразил Болсонаро не го признава авторитетот СЗО. Неодамна тој на фејсбук објавил чуден коментар (подоцна го отстранил) во кој тврдел дека организацијата поддржува хомосексуалност, мастурбација и други сексуални активности кај децата.

Поради ваквиот однос кон пандемијата, рејтингот на Болсонаро паднал катастрофално: во јануари 2019 него го поддржувале 60% од Бразилците, а сега тој број паднал до 40%.

Минатата недела во Бразил се одржале првите масовни протести против претседателот за време на пандемијата. 

Болсонаро претходно рекол дека тој лично не се плаши од зараза зошто се занимавал со спорт и верувал во исцелителната моќ на хидроксихролохин (Трамп исто предлагаше, па брачен пар од Аризона настрада). Фејсбук, Твитер и Јутјуб го остранија постот каде Болсонаро го препорачувал овој анти-малариски препарат како спасително лекарство.

„Има многу луѓе во фудбалот кои чекаат да се вратат, зошто невработеноста им стои пред врата. Фудбалерите кои ќе бидат заразени од вирусот имаат мали шанси да умрат од него. Физички се добро подготвени зошто се спортисти“.

16 јуни 2020 - 09:51