Бразил игра олимписка самба, златен медал по триумфот против Шпанија

Во фантастично фудбалско финале на Олимписките Игри, одиграно во Јокохама, Бразил поведе со голот на Куња во 45+2' но Шпанија во 61' минута израмни па мечот се реши во продолженијата.

Бразилската фудбалска репрезентација го одбрани олимпиското злато освоено на домашно тло во Рио пред пет години.

Во финалето играно во Јокохама, „кариоките“ со 2:1 (1-0, 1-1) во продолженијата ја совладаа Шпанија.

Гледавме одличен фудбал со многу добри потези, а Малком го одлучи победникот со гол во 108' минута од продолженијата. Ова беше трето финале по ред за Бразилците кои два дуели за злато добија а еден загубија во 2012 во Лондон од Мексико.

Капитенот на Бразил на овој турнир, легендарниот Дани Алвеш на 38 години стигна до својот 43 трофеј во кариерата! Вечниот бек на „кариоките“ ги одигра сите 480 минути фудбал на овој турнир без пропуштен меч.

Шпанија останува на едно олимписко злато во фудбал, освоено на домашен терен на Олимписките Игри во 1992 година. За „црвената фурија“ ова е трето сребро по поразите во Сиднеј 2000 и Антверпен 1920.

Бронзениот медал на ЛОИ Токио го освои Мексико кој со 3-1 го победи домаќинот Јапонија.