Банди киднапери ловат семејства на фудбалери

Грабнувањето на родителите и блиските роднини на познатите фудбалери најчесто се случува во опасните аргентински и бразилски квартови, каде целта на киднаперите е да чепнат во нивните милионски сметки преку уцени за нивно ослободување.

Киднапирањето на очувот и чичкото на Карлос Тевез е уште еден во низата вакви случаи во Аргентина. За среќа, Тевез може да здивне затоа што двајцата се ослободени откако напаѓачот на Јувентус им даде 36.000 евра.

Нешто слично на 3. Април 2002 година му се случи и на братот на Хуан Роман Рикелме, легендата на Бока Јуниорс. Додека седел кај свој другар, Кристијан Рикелме тогаш играч на Платенсе, бил грабнат и киднапиран, по што Рикелме постариот бил уценуван за слободата на брат му.

Дури 29 часа траеле преговорите со киднаперите, а Рикелме прифатил да им исплати 160 илјади долари, за да го ослободат брат му Кристијан.

Истата година, на 30. август беше киднапиран Хорхе Милито, татко на браќата Диего и Габриел Милито кои тогаш играа за Расинг и Индепендиенте во Аргентина. 

Во населбата Ла Кањада во Буенос Аирес, напаѓачите за Хорхе Милито изнудиле 200 илјади евра и 100 илјади пезоси од браќата Милито, а нивниот татко бил ослобден без никакви повреди.

Нешто подоцна, плен на уценувачи станал и брат му на Ерик Ламела, за кој фудбалерот на Тотенхем, бил принуден да даде 5 милиони пезоси или 650 евра. Брат му бил ослободен по 9 часа во рацете на криминалците.

Според аргентинската полиција, братот на Ламела не бил киднапиран поради тоа што е брат на познатиот фудбалер, туку затоа што со скапото БМВ се возел низ квартот Висенте Лопез во северен Буенос Аирес.

Опасно за семејствата на славните фудбалери е и во Бразил. Еден од најпознатите случаеви беше оној со таткото на Ромарио, за време на Мундијалот во Франција 1998.

Грабнувачите од Рио де Жанеиро по само неколку часа го ослободиле Ромарио сениор, под изговор дека се плашат случајот да не влијае кај фудбалерот кој може да не заигра на Светското во Франција.

Еден од најдраматичните настани со киднапирањата во Бразил е оној со мајката на Робињо, грабната по една коктел забава. Убедувањата за нејзиното ослободување траеа дури 41 ден откако самиот фудбалерот успеа во тоа.

Во нашиот регион, познат е случајот со киднапирањето на братот на Димитар Бербатов, кој за среќа заврши добро. Сегашниот напаѓач на Монако, во 2010 го ослободи својот брат, грабнат во Софија.

Најтрагичен крај имаше настанот со Леван, братот на Кахабер Каладзе, некогашниот бек на Милан, а сега вице - премиер на Грузија.

На 23. мај 2001 година, 21 – годишниот Леван беше киднапиран во Тбилиси и за неговата слобода беше побарана сума од 600 илјади долари (подоцна намалена на 450 илјади долари).

И покрај сите напори на Каха, тогашниот претседател на Грузија, Едвард Шеварнадзе ја блокирал трансакцијата, под изговор дека криминалците не смее да добијат толкава сума и да си играат со достоинството на едно познато семејство.

Бекот на Милан ја загуби секоја информација за брат му и дури 5 години подоцна дозна од министерот за надворешни работи, Вано Мерабишвили дека брат му за жал е меѓу 8 – те пронајдени тела, во една област близу Тбилиси.

Киднаперите подоцна беа уапсени. За време на грабнувањето, тие биле облечени како полицајци. Година дена подоцна, уапсени се сите грабнувачи на Леван. Се криеле во Русија, Швајцарија, Франција и Грузија.

30 јули 2014 - 10:58