Аркадиуш Милик ветува повеќе од Суарез и Ибрахимовиќ

Полскиот репрезентативец има 20 години, сезонава даде 17 гола на 16 настапи и го сврте вниманието на Манчестер Јунајтед, неговиот омилен клуб.

Луис Суарез и Златан Ибрахимовиќ сигурно се меѓу најдобрите 10 напаѓачи во светот, а фудбалски се докажаа во Ајакс Амстердам, од каде заминаа во поголемите клубови во Европа.

Стариот континент сега треба да се подготви за новиот феномен, кој во моментов го предводи нападот на Ајакс. Аркадиуш Милик сезонава даде 17 голови на 16 натпревари и веќе има подобар учинок од Суарез и Ибрахимовиќ, кој на негови години и на толку натпревари дадоа шест, односно осум голови. Милик е подобар од двајцата и по бројот на асистенции, затоа што сезонава има седум асистенции. Суарез во Ајакс имаше шест, а Златан две на 16 настапи во една сезона.

Аркадиуш Милик има повеќе сличности со Роберт Левандовски, како на пример леснотијата во противничкиот шеснаесетник, завршницата и моќноста во воздушните дуели. Со висина од 186 см и тежина од 78 кг, напаѓачот е идеална 9-ка како неговиот сонародник. Откако дојде во Ајакс на позајмица од Баер Леверкузен, Милик дава гол на секој натпревар и холандските медиуми веруваат дека тој заслужува да ја освои наградата за најдобар млад играч во 2014. година.

*Години, одиграни натпревари, одиграни натпревари во првата постава, минути на теренот, голови, асистенции, голови по минута.

Предноста на Милик во однос на другите вундеркинд фудбалери е тоа што, за разлика од талентите кои најчесто играат во средниот ред, тој е робустен, корпулентен центарфор.

Аркадиуш Милик својата кариера ја почна во Развој Катовице, од каде замина за Горник Забрже. Во Горник тренер му беше Адам Навалка, актуелниот селектор на полската репрезентација. Пред две години, Баер Леверкузен го откупи неговиот договор за 2.6 милиони евра. Аспирините го позајмија Милик во Аугзбург, каде Полјакот на 18 натпревари постигна 2 гола. Својот талент, Милик во целост го покажа во Ајакс Амстердам, каде сезонава на 11 натпревари даде 13 голови.

Дебито за полската репрезентација, високиот центарфор го имаше на 12. октомври 2012. година, на пријателска против ЈАР. Првиот гол за Полска, Милик го даде против нашата репрезентација, кога загубивме 4:1. Следуваше одличен настап против Германија во квалификациите, каде постигна гол во триумфот од 2:0, во квалификациите за ЕП2016.

Милик е позајмен во Ајакс до крајот на сезоната, во која Полјакот ќе се обиде да му донесе нова титула на клубот од Амстердам, кој во моментов заостанува 2 бода зад лидерот ПСВ Ајндховен.

Лична Карта: Аркадиуш Милик
Роден: 28 февруари, 1994 во Тихи (Полска)
Кариера: Развој Катовице (2010/11, 10 настапи 4 голови), Горник Забрже (2011/12, 38-11), Баер Леверкузен (2012-/), ФЦ Аугзбург (2013/14, 18-2 гола), Ајакс (2014/15 17-16)
Репрезентација: Полска (14 настапи, 6 голови)