Англиски навивачи против ИРА во Глазгов

Фудбалската асоцијација на Англија била принудена на полувремето од мечот Шкотска - Англија да стапи во контакт со бендот кој секаде го прати Гордиот Албион и да ги замоли да не им даваат ритам на останатите навивачи, кои пеат навредливи песни.

Островското дерби во Шкотска го доби Англија 1:3 со двата гола на Вејн Руни и еден на Окслејд-Чембрлејн. На теренот се играше пријателски, но навивачите не навиваа фер и коректно.

На средината од второто полувреме, околу 3.000 англиски навивачи кои дојдоа во Глазгов скандираа Fuck the IRA, а во тоа им помагаше бендот кој со разни инструменти секаде дава штимунг на навивањето. Англискиот селектор, веднаш по мечот изјави дека не слушнал никакви погрдни скандирања и дека навивачите биле одлични. 
„Се концентрирав на фудбалот, а навивачите беа одлични во поддршката. Не слушнав што се пееше, само еднаш слушнав нешто за Гордон Страхан. Ако имало навредливи песни, сигурен сум дека нашиот сојуз ќе се извини. Сè што ние можеме да направиме е да играме фудбал, а нашите навивачи да уживаат во тоа“, изјави Рој Хоџсон по натпреварот.
Со двата гола, Вејн Руни сега е на само три гола од рекордот на Сер Боби Чарлтон, кој за Англија дал 49 голови. Тој рекорд е стар 40 години, а Руни може да го надмине веќе следната година кога ќе наполни 30 години. 
„Фантастично е да се играат вакви натпревари. Знаевме дека атмосферата ќе биде одлична и да бидам искрен, очекувавме да победиме. Во добра серија на голови сум и ќе биде прекрасно ако успеам да го срушам рекордот“, изјави Вејн Руни.
Англиската репрезентација има 6 победи во низа и тоа е најдобра серија уште од 2006. година. Следниот натпревар за „Трите лава“ е исто пријателски, против Италија во Торино во март.

19 ноември 2014 - 10:36