Ако имаш култура на купување карти, Премиер лига и не е така скапа за гледање

Точно е дека во Серија А и Бундеслига е поевтино, ама англиско не е толку огин како што се мислеше. Па 53% од билетите се 30 фунти или помалку, а најмногу ушпаруваат оние кои инвестираат во годишна, ама кога ќе ја купат предвреме.

Премиер лигата направи истражување за цените на влезниците во оваа сезона и ги опфати сите опции за тоа кој што може да купи и со колку може да помине.

Вака стојат работите:

- Повеќето навивачи (53%) плаќаат 30 фунти или помалку за еден натпревар.

- Просечна цена на еден премиерлигашки билет изнесува 32 фунти. Минатата сезона изнесуваше 31, а пред таа 32.

- 21% од навивачите плаќаат 20 фунти или помалку по натпревар.

- 52% даваат меѓу 20 и 40 фунти.

- 20% плаќаат меѓу 40 и 60 фунти.

- Само 6% ги плаќаат најскапите карти од 60 фунти па нагоре.

Тоа се опциите за купување карти, меѓутоа не сите. Тој што има култура на купување, а Англичаните ја имаат, поминуваат најдобро, се разбира во зависност што ќе одберат.

На пример ако се решиш за годишна од 400 фунти, тогаш си раат на 19 домашни првенствени натпревари, а во таков случај една карта ти излегува 21 фунта. По нашки тоа се 1.500 денари.

Следниов податок кажува сè за културата на Англичаните за купување карти. Дури 75% од навивачите оваа сезона поседуваат годишни карти.

Е сега што прават? Епа скоро пола од нив или поточно 47% ги купуваат додека се на промоција и така заштедуваат вкупно 16 милиони фунти. Ете ти уште еден вид култура на купување карти.

Клубовите дополнително ги стимулираат навивачите со попусти за купување повеќе билети наеднаш, субвенционираат патување на училишта и разни други групи.

Проценките се дека годинава вкупно се очекува да се продадат 13,3 милиони карти во кои се вклучени и сезонски по основа на натпревар, а во моментов има слободни 800.000 на сите стадиони до крајот на сезоната 2019/2020.

Тие се распределени на следниов начин:

- 73,4% стандардни билети

- 9,2% семејни

- 6,6% за гостински навивачи

- 8,9% за други гости

- 1,4% за лица со инвалидитет

18 декември 2019 - 14:21