Вебалици

Ајде да ве видиме, морални судии

Сајтот се вика "Морална машина" и ве става во ситуација на автоматскиот возач на автомобил кој треба веднаш да се реши за една од двете ситуации кои ги има пред себе. А мора некого да убиеш. Заебано.

Дали имаш побрзи рефлекси од олимписки спортист?

Да беше севкупно подобар како спортист, веќе ќе беше на Олимпијада, затоа натпреварот е само во првиот рефлекс, на три - четири, кога се трга.

Мапите немаат врска

Проблемот со претставување на планета што е 3Д врз мапа која е дводимензионална во 1569-та го решава белгискиот географ Герхард Меркатор. Решението со вика Проекцијата на Меркатор, врши работа само за навигација и комплетно ја има изветоперено нашата перцепција за тоа која земја колкава е. Сајтот Тhetruesize прави корекција на оваа илузија, и ништо не е исто.

Како Хемингвеј го научи светот да пие

Секако, тој го научи светот многу нешта - како се пишува, и пред сè, како треба да се чита. Но неговиот придонес се прелева и вон книжевноста. На пример во фаќањето туни на Карибите, ловењето крупен дивеч во Африка, или во фината област на алкохолите.

ГСМ Арена за овошје

Ги има сите модели на овошје, со сите можни информации што може да те интересираат или не, поделени по групи и плус може да споредуваш најразлични овошја.

Запознај ја својата ќелија

За сите што имаат чувство дека ќе одат таму или познаваат некого кој и без чувство ќе замине на такво место, едно интерактивно видео за запознавање со една затворска ќелија. Велат дека ако доволно долго се разгледува ќелијата, почнува да се гледа раката на Иванов како го сече тоа џамчето.

Пресели се

Ти решен за селење, они решени да те преселат некаде. Нема да ти креваат каучи туку ќе ти најдат кој град најмногу ти одговара. Има основни податоци за секој град, за квалитет и цена на живеење, како да стигнеш до таму и причини зошто да одиш таму. Некој странец ќе го најде и Скопје.

Број им ги парите на милијадерите

Ти седиш и гледаш, а пред тебе се врти приходот и профитот на најголемите и најбогатите комапнии. Почнува од нула, и за десет секунди, Епл има приходи од 54.190 долари, од кои 11.740 се профит.

Песок за вас прекрасни луѓе

За скриениот будистички монах во вас, џаболебар, недоволно платениот генијалец, студентот што од утре ќе почне со спремање испит или кој и да е што има неиздржлива потреба од медитација пред монитор.

Кои се шансите да освоиш 800 милиони долари на лото

Сумата е џекпотот на американската лотарија. На хартија целата работа е многу лесна, треба да погодиш пет бројки од 1 до 69, и една дополнителна, од 1 до 26. За да биде уште полесно имаш и стартни 100 долари, а после тоа уште 100, и 100, и 100, па 1.000, па колку сакаш. Бирај бројки и ставај пари.

Гугл го чека Дедо Мраз

На стариот му остануваат уште 9 дена додека да тргне во својата годишна обиколка. Кога ќе тргне, Гугл планира да го следи во чекор (или лет). До тогаш за чекањето да не биде монотоно, Гугл имаат цела занимална за вас.

Дали си репликант?

Репликант како биороботските андроиди од Блејд ранер. Или ај вака полесно - реши го тестов и покажи дека си човек.

Најди ја кравата

Се што треба да знаете е дека кравата е невидлива. А како да најдеш невидлива крава? По звук. Мафтај со маусот и слушај, по исти принцип како "топло-ладно" играта, ама во аудио верзија. Одамна немате начекано ваква глупост на нет.

Погоди го филмот

Оној со топката за одбојка, и оној со двајцата што ја шетаа саксијата, и оној со девојката со три цицки, и оној еден друг со Шварценегер, и оној со девојката со жолти Асикс патики. И така до 60 филмови, без потсетување, без иле.

Ајде да спиеме

На човек му требаат во просек 14 минути за да заспие. Добар сон е составен од 5 до 6 комплетни циклуси. Проблемот е што овие циклуси не се рамномерни и не се најлесни за пресметување. Затоа еве ви алатка што ви пресметува по две основи: кога треба да легнете за да станете во одредено време, или во колку треба да станете ако легнете сега.

Краток Фејсбук хорор

"Земи го лижавчево" е Фејсбук апликација чија намера е да алармира околу опасноста од премногу информации на интернет. На страна намерата, изведбата е морничаво непријатна.

Платата на мегдан

Во првото поле ти внесуваш што имаш да внесеш како плата. Во второто е Опра, па хирург, па медицинска сестра, наставник, програмер, Леброн Џејмс, ЦЕО-то на Дискавери комуникејшнс и уште неколку. Тајмерот почнува и на сите ви брои за колку време ќе заработите за бургер, патики, телевизор, автомобил или куќа (по американски цени).

Пребројувај како некогаш да ќе ослабеш

Ако некогаш ве интересирало колку калории има во 10 раце пуканки, одговорот е - 77. Една лента сланина? 55 калории. 20 бадеми? 138 калории. 1 чаша сок од портокал? 117 калории. Не измислуваме, такви се бројките. Ако ви се брои што се' сте изеле на еден оброк, еве ви го сајтот за сите ваши нервози.

Еве како ќе изгледа вашата кујна во 2025

The Concept Kitchen 2025 е проект со кој Икеа настапува на саемот ЕКСПО во Милано, којшто се одржува од 1 мај до 31 октомври 2015. Тој тематски е посветен на храната, стимулирајќи креативност и иновации за одржлива иднина, што е поентата и на оваа кујна.

Вашата престапна секунда

На 30-ти јуни годинава заради неопходното штелување, атомскиот часовник на денот (на овој и само на овој) ќе му додаде една секунда. Еве цел сајт посветен на трошење на оваа секунда.

Истегнувања за вас здрвени луѓе

Компанија што сите пари ги заработува од продажба на најразлични масти против згрчување на мускули, проблеми со половина и слични "сега не осеќаш, ама еден ден ќе страдаш" болки, изработува детални упатства за растегнување по над 30 основи. За луѓе што седат, за луѓе што стојат, за луѓе што спортуваат, за луѓе што не спортуваат...

Што се сменило на Земјата откако сте се родиле?

Треба да ја пробата оваа нова интерактивна веб страница на BBC.

Виндоусот што никогаш не го баравте

Не 95-ка, туку Виндоус 93-ка, сместен во веб-страна и достапен на клик, ама достапен со комплетната своја одвратност, која по циклус од 20 години, сега изгледа некако свежо (како минатиот апдејт на иОС).