Музика

Изолирани ритам секции

Прво неколку бубњеви, после неколку басови и удрете на вежбање.

Рапот на Клинт Демпси

Капитен е на американската фудбалска репрезентација, со Гана играше 60 минути со скршен нос, на Португалија и го збрчи вториот гол. Инаку игра во Сиетл. Уште поинаку, го занима риболов и хип хоп. Видеото продуцирано од Најк ѝ е посветено на неговата сестра Џенифер која на 16 годишна возраст неочекувано умира од мозочен удар.,

Џегер и Боуви на тивко

Ако има нешто за што се добри двајцата тоа е за слушање, за гледање никако. Ако има некаде каде што двајцата заедно се добри за слушање тоа е Dancing In The Street. Наспроти се, еве ви го спотот, со нив двајца и ниту еден единствен збор или музика.

Baby got Bach?

Од Бинг Крозби до Прл Џем, Сиетл отсекогаш бил урбан расадник на добра музика. Тамошниот симфониски оркестар го знае тоа па паметно пробува да се очеша од брендот правејќи споеви на класична и модерна музика. Не оди виолина и рап? Кој вика?

Бијонсе, свадбарски подготовки

Се што имаме ние да го кажеме за ова видео, Бијонсе ќе ви го каже многу подобро. Секоја чест за тој што открил како ќе и легне српско на Бијонсе, нас само нè интересира кој е процесот на размислување за да се стигне до ова.

Руски православен рап

Се викаат Руска православна армија и се некаква про-руска милиција во Доњецк. За да придобијат нови регрути, снимиле православна рап песна. Ај песната ама да видите каква рап атмосфера има спотот!Грендмастер ортодокс флеш! Еден куп рамнодушни православни рап фаци седнати на рамнодушна православна рап маса. Тој со грмушката - најјак. Можда е металец.

Ете ги: Темпера!

Пази молим те, некои ги викаат супер група. И види чудо, има тоа логика, јер се супер дечки и јер се супер музичари. Темпера се Тања, Гино, Џоле и Мите и за наше добро ни ја пуштаат "Пластични кули". Се слуша гласно и разиграно. 

Вил Ферел вс. Чад Смит, се случи

Мала историја: Ферел (глумецот) и Смит (тапанарот на Ред Хот Чили Пеперс) не се во никакво сродство, ама изгледаат како да се правени со копи/пејст. Со години двајцата ги мешаат на интернет, сè до еден момент кога им пука филмот и решаваат да се пресметаат еден со друг - ферка во лупање тапани. Еве ја ферката од синоќа вечер кај Џими Фалон.

Акустична Металика

Првпат свиреа вака 1998-ма на MTV Unplugged. А ова е од пред некој ден во Л.А. кога наместо својата јеах дискографија, понудија акустични преработки на Битлси, Ози Озборн и Дип Парпл.

Еминем ѝ се извини на мајка си

Откако згрна милиони додека јавно ја брукаше својата мајка Деби Матерс (се сеќавате на Cleanin' Out My Closet?), Еминем изгледа го стигнаа "трубите на совеста" па реши преку песна да ѝ се извини за сите срања кои ѝ ги приредил. Ако може тој, може секој. Јавете ѝ се на мама. 

Винил со луди изненадувања

Џек Вајт најави дека албумот Lazaretto ќе оди и на винил. Ама ова ќе биде возбудлив, 2.0 винил кој има скриени песни, свири на три брзини, која верзија на песна слушате зависи од тоа каде сте ја ставиле иглата, а иглата некогаш оди и нанадвор. Чудесии!

Ќеиф, лезет, мерак, мекам...

И денес да беше калеш Анѓа жива, ќе кукаше дека "турски не разбирам". А како да разбира, кога од оние синхронизации, човек не може веќе да чуе ништо на тој убав јазик. Затоа ве носиме во една катедрала во Копенхаген, да си ја наполниме душата со мелодија која лесно ќе ја препознаете. 

Праизведба на Ураганот

Видео снимка од 1975-та година, кога Боб Дилан првпат во живо ја изведува протестната "Hurricane', песна инспирирана од неправдата кон боксерот Рубин Ураганот Картер, човекот кој деновиве почина на 76 годишна возраст.

Рон Џереми и неговиот втор омилен инструмент

Рон Џереми држи неколку интересни рекорди. Освен шампионатот во својот основен занает (најмногу улоги во порно филмови), тој е рекордер и по бројот на музички видео спотови во кои учествувал (вкупно 48, втор е Мет ЛеБланк од Френдс со само 7). И тука не престануваат чудата.

За диџеите

Што прават и како изгледаат денес диџеите за време на големите концерти. За референца што навистина треба да праат, еден диџеј од времето.

"They Can`t Take That Away From Me"

"Гласот на Ела Фитцџералд беше сатен за шмирглата од глас на Луј Армстронг, но кога ќе се споеа во песна, нивната хемија беше совршена. Не беа многу-многу во хармонија (гласот на Армстронг не беше создаден за хармонија), но достоинствениот свинг на Ела и нејзините задевања со грубото, добродушно р'жење на Сачмо беа во неповторлива симбиозa".

Дубиоза и Тони Колектив

За Антонио Ристески и неговите таленти навиваме одамна. А неговата приказна фино се развива: По претставувањето на интернет јавноста, го дознаават и дечките од Дубиоза Колектив и посакуваат заедно да снимаат. Доаѓаат во Скопје и цепаат една акустична верзија на нивна песна. Да ве потсетиме како можат да изгледаат и да звучат два бенда заедно.

Химна за претседателот

Додека ние слушаме предизборни Поточиња, во Алжир се збираат 60 пејачи, фудбалери, актери и ја прават оваа песна, како поддршка на Абделазис Бутефлика. 70тина години, се кандидира за четврти мандат.

Што, ние сакати ли сме?

Не дека не си правиме огромен ќеиф откако решивме наши пријатели да ви пуштаат музика, ама се запустивме самите. Е па неќе моќи! Брус Спрингстин во Бризбејн, февруари, годинава.

Курте, врати се

Навршуваат цели две децении од самоубиството на Курт Кобеин. Клипот што изгледавме нè тера најавава да ја продолжиме во овој правец: Курт Кобеин беше еден чичко кој свиреше и пееше во една група што се викаше Нирвана. Група е кога неколку луѓе прават и свират иста музика. Свирење е кога имаш инструмент па на него произведуваш тонови по свој избор. Инструмент е парче хардвер на кој човекот му се софтвер. Ете така. Одиме сега да го соочиме чичко Кобеин и Нирвана со новите генерации, да видиме каде тоа нивно музичко семе паднало на плодна почва а каде завршило на модерен плексиглас.

Фарел и Јужни ветар

Хепи на Фарел доби интересни, забавни, тажни, добри, моронски, нечовечки глупи и "уби ме туѓа срамота" верзии на видеото. Ова е ништо налик нив, ова директно се пакува во кутија "легендарно."

Убаво е кога е мешано

Во лондонска катедрала, босански глас, ерменски дудук и македонска песна. Инџој.

Танчерот

Видеово ќе го изгледате по две основи: да видите какви движења има Кристофер Вокен, и за да ја ислушате песната без никој да ве руга.