Американската комисија за безбедност на потрошувачи (CPSC) издаде итно предупредување во врска со лажни верзии на популарните Лабубу кукли, познати како Lafufu, кои според нив претставуваат сериозен ризик за деца.
Според соопштението, фалсификатите кои се продаваат како кукли или како мали приврзоци - можат да предизвикаат задушување, бидејќи се доволно мали за да влезат во устата на дете и да ги блокираат дишните патеки. Дополнителна опасност претставува тоа што некои од овие копии се неквалитетно изработени и лесно се кршат на мали парчиња кои децата може да ги голтнат.
„Овие лажни Лабубу се опасни, нелегални и за нив нема место во домовите. Ниту еден родител не треба да се плаши дека играчка може да му го одземе здивот на неговото дете,“ изјави претседателот на CPSC, Питер Фелдман.
Оригиналните Лабубу кукли, инспирирани од ликовите во книгата The Monsters Trilogy на хонгконшкиот уметник Касинг Лунг, се продаваат преку кинескиот бренд Поп Март по цена под 30 долари. Некои ретки изданија достигнуваат и илјадници долари на онлајн пазари.
Како да препознаете лажно, или „лафуфу“?
Постојат неколку начини за разликување на фалсификатите од оригиналот:
- Цена: голем попуст може да биде јасен сигнал за неавтентичен производ.
- Ознака: оригиналните кукли имаат холограмска Pop Mart налепница и QR-код за скенирање.
- Детали: поновите автентични модели носат дискретен UV печат на едно стапало.
- Заби: вистинските Лабубу имаат девет заби; фалсификатите често имаат различен број.
- Боја: лажните верзии обично се посветли и поинтензивни во нијансите.
CPSC ги повикува потрошувачите веднаш да престанат да ги користат сомнителните кукли и да купуваат исклучиво од проверени и реномирани продавачи.
Сепак, да се потсетиме дека во САД се забранети и Киндер-јајца.