Ризница на денот

Можеби топчето ни е црешово, ама муниција имаме

„Македонски идентитет 1600-1920“, е збирка на документи од архивите низ светот,  во кои недвосмислено е изразен или дефиниран македонскиот идентитет. Зад извонредно корисната и вредна колекција стои Марко Бојаџиски, наш човек кој живее во Прага. Ќе ви понудиме неколку извадоци а потоа одете лице место и одма букмарк.

Разговор на фр. новинар Gaston Routier со Иван Шишманов – бугарски министер за образование во 1903:

„По десет години, ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци...

...Значи, Македонија ќе биде независна и Македонците ќе останат Македонци. Ако Европа го мисли спротивното, таа греши; ако Бугарите сметаат на бугаризација на Македонија, тоа се илузии“.

************

1846, црковен запис од учителот Ѓорѓија Маќедонски, село Ранковце, Кривопаланечко.

„Славјанското писмо го изучив од татко ми Димитрија Маќедонски, кој така се вика зашто сме Маќедонци, а не Грци, ... И ја прекарот си го земав Маќедонски, а не по дедо ми, за да се знае оти сме Славјани од Маќедонија.“

*************

1759 - Македонски полк во царска Русија

Во еден рапорт до рускиот сенат, од 1754 година, за националната припадност на полковите во колонијата „Нова Србија“ (денес центр. Украина), пријавени се 289 доселеници од „Македонска нација“ (македонской нацей). Во истиот документ има и доселеници од Српска, Бугарска, Полска и Арнаутска нација.

Во една друга руска колонија, со име „Славеносрбија“ (денес Доњецк/Луханск), во Шевићев-иот полк, 74 лица се декларирале како дел од „Македонской нацией“. Запишани се нивните имиња, старост, писменост, јазици, семеен статус.

На 10 Maj 1759, во рамките на истата колонија, бил оформен Македонскиот хусарски (коњанички) полк,  (ориг. Македонский гусарский полевий полкь). Во голем дел бил составен од луѓе со македонско потекло, а се оддржал до 1773 година.

**************

1870 - Бугарскиот политичар/публицист Петко Р. Славејков за проблемот со Македонистите

„Многу пати имаме слушнато од Македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци...“

„...Отпрво ги земавме зборовите на тие млади патриоти како на шега и не многу сериозна закана во горештината на нашите не толку сериозни препирки. Така си мислевме сѐ до пред една-две години кога од новите разговори со неколку Македонци ни стана јасно дека проблемот не е само голи зборови, туку е идеја што мнозина сакаат да ја спроведат во живот...“ „...Но кога во желбата за поделба има и други намери, намери за разделување на нашиот (бугарски) сѐ уште неустроен народ, тогаш секој има должност да се противи на такво зло. Јасно е дека некои од нашите Македонски браќа имаат токму таква намера, и таа намера ја кријат под превезот на јазикот и неговите наречја...“

*******************

1875 - Ѓорѓија Пулевски - „Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија“

Во своето дело „Речник на три језика“ (тријазичник) од 1875 во Белград, Ѓорѓија Пулевски за првпат го изложува македонското име како национално, а македонскиот како одделен јазик:

„Што се вељид народ?

Народ се вељид људи који е од еден род и кои зборувајед еднаков збор, и који живунајед и се другарад еден со други, и који имајед јаднакви обичаји и песни и весеља; тије људите ји викајд народ, а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ.

Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија.“

„А како се вељид нашево отчество? Нашево отчество се велид Македонија, и мије се именуваме с. (ред. славјано) Македонци.“

*****************

1890 - Karl Hron, австриски публицист, во своите истражувања за Македонците ќе напише:

„По моите сопствени студии на српско-бугарскиот спор дојдов до убедување дека Македонците, како по својата историја така и по својот јазик, се посебна народност. Значи, ниту се Срби, уште помалку Бугари, туку се потомци на оние словенски прадоселеници кои го населувале Балканскиот Полуостров веќе долго пред српската и бугарската инвазија и кои подоцна со ниту една од овие две нации не се измешале..“

*****************

Странски дописници во разговор со локалното население во 1920:
- „А вие што сте?“
- „Македонци“, едногласно како од пиштол.

Германскиот социал-демократ Hermann Wendel, ја посетил Македонија во Август/Септември 1920, притоа систематски го распрашувал луѓето што се.

За Битола забележал: „Словените овде, како и секаде, се нарекуваат себеси Македонци кои постојат меѓу Србите и Бугарите...“

Во Прилеп: „На мост си играат момчиња; еден не се срами кога го прашувам. „Јас сум Србин, ама тие“ покажува на другите „се Македонци“ - „Од каде си?“, „Од Ниш“. Во Ресен: „Група момчиња околу колата. „Па, што си ти?“ Срамежливо ме погледува и без разбирање. „Он е Турчин“, извикува групата. „Аха? а вие (кон групата)?“ - „Македонци!“, едногласно како од пиштол.

******************

* Колекцијата „Македонски идентитет 1600-1920“ ја имате ОВДЕ

Патем, од истиот автор топло препорачуваме да го разгледате неговото истражување „За Македонците запишани во американските имиграциони тефтери (1900-1949)“ во коe се вели:

„Интересна е оваа појава на запишување македонска националност, од македонските имигранти, знаејќи дека Македонска држава тогаш не постоела. Затоа често забележуваме редакциски корегирања на податоците со прецртување на зборот Македонија и запишување на Турција, која е и фактичката националност за 1900-1913. За одбележување е замирањето на оваа појава после балканските војни (1912-1913), и следственото распарчување на Македонија. Од тогаш многу ретко се среќаваме со  записот - националност Македонија, а таа е веќе заменета со Бугарија, Србија, Грција. Арно ама, Македонците продолжиле да запишуваат дека потекнуваат од Македонија. Така, ако се пребарува поимот Македонија во колоната Потекло, односно Земја на последно живеалиште, резултатот е 21.658“.

Марко, секоја чест.

9 ноември 2020 - 11:58