Балканштина

На пандемија се познава сарајлија

Зизи (Зијад Реџиќ, инаку угостител и снукер тренер) е еден од оние ликови за кои стереотипно се вика дека се живи легенди на еден град. Една од најзабавните „вилици“ во Сараево овде ја раскажува својата драматична битка со ковидот, барокно раскитено со многу шарм и хумор. Два момента: кога не само што се нашол во Брза помош туку и поминувале на црвено (не сум јас до толку болен за на црвено!) и кога ја облекувал болничката пижама во која имаат веќе умрено едно 300 луѓе. Цар, цар.

Илон Маск е од Република Српска

Јованка Јолиќ е една тетка која е во посед на многу тајни од светов а колку и да е озбилна, ќе да е малку удрена во крило, што пак ја прави идеален кандидат за често гостување на телевизија. Е не, „Топ тема“ и “Само вистина“ ќе гледаме.

Големо НЕ за висококатниците

„Нема обнова на наталитетот на осми спрат во 45 квадрати стан!“, површински и надморски прецизно советува српскиот министер Ратко Дмитровиќ. А ќе се надоврза и самиот Вучиќ нудејќи истражување по кое, кога сите други фактори се исти, помалку деца имате во висококатници, отколку во пониски згради. Па вие сега видете.

Тифа во Топ листа надреалиста

Мислевме дека напамет ги знаеме сите скечеви од Топ листа ама пријатели од Сараево случајно нè потсетија на еден кој скроз го имаме заборавено. Со Младен Војичиќ Тифа, како келнер метросекуалец. Е сега, ова веројатно е нивен скеч со најглупиот панч-лајн евер, ама па што панч-лајн да му смислиш на Тифа?

Никој не ти се радува како жена

Да слушнеме една жена која е голем фан на Новак Ѓоковиќ, како емотивно ги рангира радостите во својот живот.

Монашки Тигуан: Бог дал, бог земал

Монахот Арсение богоугодно објаснува зошто се решил на Фолксваген Тигуан: добар е за ридско-планински тури но и за на асфалт, плус не паѓа многу во очи. Но, подоцна сфатил дека почнал да му се насладува, да води љубов и да има блудни надразби со својот џип. Решението му е најканонско на свет. Мислите го откажал? Ма јок. Сега само помалку го пере и гледа да не му се насладува до толку.

Доктор Шеклер: Престанете со циркусов!

Имате некои логички дилеми за кој ѓавол се воведува некаков ноќен полициски час кога дење сè живо работи и сè живо е во гужва? Што во кафана можеш како сакаш, ама на улица те казнуваат за маска? Што денот ќе ти пројде во гужви пред банка ама ноќе не смееш да фрлиш ѓубре во контејнер? Што со месеци не сте се виделе со своите најблиски ама некакви попишувачи ќе ти влегле дома по протокол? Србија има слични проблеми.

Теша нема проблеми со гости за емисија

Гостинот на Теша овојпат е инфлуенсер, јутјубер, жесток дечко од белградскиот асфалт, аматерски глумец, ракометар, портир, страсен пушач, возач од Ц категорија, каратист, дипломиран филолог, филателист, ИТ експерт и шеќераш. Само да знаете, ако некој ве види како го гледате видеово, тешко дека ќе му објасните зошто.