Балканштина

Денот кога бугарските полицајци плачеа

Бугарската полиција во акција да спастри некакви анти-ваксерски демонстрации во Софија. Во еден момент, полицијата добива наредба да употреби солзавец. Во истиот момент, ветерот добива наредба да смени правец. Бугари немаат волку плачено откако Лепа Брена им откажуваше концерти без да објасни зошто.

Како Бугарија го менува човека

Еден Италијанец реши на ТикТок да покаже како се трансформирал во текот на својот престој во Бугарија. Месец дена и кусур и натурализирањето е комплетирано, човекот претопен во околината a Карло од Италија претворен во Жоро од Русе. Заебанција, нормално.

Шуќур, спомнаа Македонци

Можно е само да опипуваат како ќе реагира нивната јавност, но да ја нотираме оваа репортажа на најгледаната бугарска телевизија БТВ за бугарското погранично село Боровичене (некогаш 360 луѓе, денес само 40) во која се вели дека во селото заедно живеат Бугари и Македонци. „Преку ноќ, сите Македонци ги запишавме како Бугари. Едно момче нејќеше, го скршија од ќотек“, се сеќава на 1965 година баба Илинка. 

Министер и владика во турска бања

10 минутно уживање со лудаците од Букс оф књиге. Министер дојден кај владика по совети за буџет, за реконструкција на владата, за тоа дали горе е Бог или Мило. Меѓу другото, ќе научите како се оди кај владика. Со кобасици. Ама не за него, туку за себе. За да може да го почастите. Генијални заебанции.

Бугарскиот „Сноупирсер“

Ја знаете онаа евергрин идеја дека Македонија и Бугарија железнички ќе се поврзуваат. Нема две земји кои се покомпатибилни за еден ваков проект. Нашине возови не знаеме кај се, а не па кога ќе стигнат. А нивните? Повелете на пар минути во возот Варна- Софија.

„Се гледаме“ како новата „Не дај се, Инес“

Ако ве гаѓа таа емоција кога Раде Шербеџија ги рецитира славните стихови на Арсен Дедиќ, тогаш ќе ве гаѓа и ова. До некое време. После работите стануваат поконкретни и поопипливи од романтизираното сеќавање на девојката од младоста. Ми се плаче, ми се лае.

Зошто политичари не умираат од корона?

Краткиот одговор е дека и короната сака на чисто. Подолгиот одговор го елаборира врвниот босански глумец Јосип Пејаковиќ. А Вистиномер, наместо сега да ни се фатат за насловот па да даваат примери на политичари кои сепак настрадале од ковид, нека засукат ракави и нека го проверат она тврдењето со говното.

Крајот пресот го краси

Човек од партијата на Вучиќ држи прес - конференција. Додека зборува, шара со погледот лево и десно, за сите присутни да имаат чувство дека ним им се обраќа. Прашува и дали има прашања за крај. Нема. Тој станува, камерманот одзумира.