Балканштина

Бугарско селфи

Стамен и моќен говор на бугарскиот актер Захари Бахаров за контрадикторностите во кои е распнат нормалниот и обичен Бугарин (ако ќемо поштено, и за нас важи). Не ви го преведуваме зошто не сме сигурни дали баш 100% ќе бидеме точни во преводот (па да настане нов спор). Ама, и само 50% да го разберете Захаров, тоа е многу повеќе од она колку се разбираме со Бугарите во последно време.   

Е, ова се другари

Што и да слави, друштвото му донеле голем поклон. Под украсната хартија се гледа дека е тоа кутија од оние модерни тротинети на кои машко не може да застане а да не изгледа пресмешно. Пред да баталите и да си кажете, ајде бе, за еден тротинет ќе гледам видео, треба да знаете дека се Срби. Најјако е што подарокот прописно е фиксиран со стиропор.

Промајата како смртоносен развигор

Американец се оженил со Хрватка и се соочил со серија културолошки разлики. Почнал да ги собира и по некое време издал водич за преживување во Хрватска. Една од мистериите му била фамозниот тивок балкански убиец - промајата. Денес вика дека разумот му знае оти тоа со промајата нема врска, ама сепак, неговото срце ѝ се плаши.

Во длабокото на српската зајачка дупка

Фасцинантно е со каква сериозност и „академичност“ тие им пристапуваат на овие теми чија заедничка точка е што секогаш завршуваат со Србија и српството. Овојпат зборуваат за чуда. Нека не ве обесхрабри првичната дилема „курац или патка“. Подоцна муабетот меандрира и низ други предели за да дојде до финишот кој е тотално рррррррразвратен.

Није лоза ракија

Светот за Газа, ние за свадбата на Мијалков а Србите за вечната недоумица од Сурдулица до Суботица: која е најдобра ракија? Притоа се колебаат меѓу слива, крушка и дуња. Лоза не ни спомнуваат, што е баш братски, пошто за нас повеќе ќе остане. Последниот анкетиран има топол татковски одговор.

Автогол на белградскиот градоначалник

Што сум дигал рука у вторник и сам себе се убијал се првите асоцијации кои ќе ви текнат кога ќе слушнете како градоначалникот на Белград, некогашниот ватерполист, Александар Шапиќ, се самоповреди кога во одбрана на чистиот воздух им замери на сограѓаните дека се возат по еден човек во кола. Новинарката прибрано му соопшти каков баг има во приказната. 

Хрватски шизофрении

Вака ситуација имате во лијепа наша: од една страна, српската пејачка Александра Пријовиќ распродала рекордни пет концерти во загребска Арена, што се околу 100.000 луѓе (Оливер Драгојевиќ да стане од гроб не би наполнил толку). Од друга страна, бирократи во едно место крај Задар бараат да биде остранета надгробна плоча затоа што е напишана на - кирилица.

Новата политичка репрезентација на Бугарија

Направивме мал избор од една бугарска Фејсбук група, со доста поштен и прецизен наслов: „Изборни дебили 2023“, со кандидати, кандидатки и листи за советници за нивните локални избори. Нема што нема. Победничка на релно шоу „Фарма“, ученичка, војвода, тип со тетоважа на Мајк Тајсон... и притоа еден дизајнерски очобол каков одамна немаме видено. Страхотно.