Балканштина

Протокол за пазарење

Носете маска. Земете кеса. Симнете ја маската и лизнете го прстот за да можете да ја отворите кесата. За да можат и други да учат од вашиот пример, направете го тоа пред камера.

Нејќам жив да умрам!

Србин (од југот на Србија, онаму кајшто се зборува најурнебесно) ребрачи другар кого го пријавил за вакцинација дека од таа вакцина (само што кажале на вести), во Данска, од 730 вакцинирани, умреле 230 луѓе! Да видите како се свири повлекување!

Изборна молба до Бугарија

Нели викендов има избори во Бугарија. Затоа, аман-заман, драги наши (помлади) браќа, памет во глава, дајте нека победат тоа социјалистите! Не дека ние нешто посебно нив ги обичаме, ама, ако не испадне по нејзино, оваа Вондер воман може голема да ја прави.

Овој може наш да биде

Слушнете еден млад и истакнат босански политичар, сетете се на советникот на Заев, Алекс Ружин, и одма ќе ви стано јасно зошто на двете земји слично им оди. Арнел Исак, министер за просторно планирање, сообраќај и комуиникации во зеничко-добојскиот кантон и кандидат за градоначалник на Зеница. Само чујте која е тоа дилајла.

На пандемија се познава сарајлија

Зизи (Зијад Реџиќ, инаку угостител и снукер тренер) е еден од оние ликови за кои стереотипно се вика дека се живи легенди на еден град. Една од најзабавните „вилици“ во Сараево овде ја раскажува својата драматична битка со ковидот, барокно раскитено со многу шарм и хумор. Два момента: кога не само што се нашол во Брза помош туку и поминувале на црвено (не сум јас до толку болен за на црвено!) и кога ја облекувал болничката пижама во која имаат веќе умрено едно 300 луѓе. Цар, цар.

Илон Маск е од Република Српска

Јованка Јолиќ е една тетка која е во посед на многу тајни од светов а колку и да е озбилна, ќе да е малку удрена во крило, што пак ја прави идеален кандидат за често гостување на телевизија. Е не, „Топ тема“ и “Само вистина“ ќе гледаме.

Големо НЕ за висококатниците

„Нема обнова на наталитетот на осми спрат во 45 квадрати стан!“, површински и надморски прецизно советува српскиот министер Ратко Дмитровиќ. А ќе се надоврза и самиот Вучиќ нудејќи истражување по кое, кога сите други фактори се исти, помалку деца имате во висококатници, отколку во пониски згради. Па вие сега видете.