Зошто ги викаат неспособни?

Ако има едно видео што комплетно ја опфаќа гнилоста на целиот систем што нагалено го викаме „држава“ тогаш тоа е снимката (на А1он) од пристигнувањето на возилата на Брза помош од Тетово во Судска медицина по синоќешниот трагичен пожар во монтажната ковид болница во Тетово.

Нормалната и очекувана верзија на овие настани, минималната граница за процедура, треба да е:

- Возачите со придружба на полицијата пристигнуваат во Судска медицина и понатаму докторите ја преземаат работата.


Верзијата што се одвива во нашата реалност е:

- Возачите со придружба на полицијата пристигнуваат пред Судска медицина.

- Никој нема да ги пречека на портите, а влезот за возилата е затворен, иако се огласуваат и болничка и полициска сирена.

- Возачот на Брза помош излегува и ѕвони на врата да му отворат.

- Никој не одговара па возачот влегува внатре каде е пречекан од болничко лице.

- Дури тогаш некој прв пат им објаснува на возачот и на полицијата што ги придружува, дека влезот е на сосема другата страна, веројатно преку Клинички центар, а ова што личи на главна капија не е тоа.

Секако дека во тој момент во Тетово се одвиваат неспоредливо потрагични работи, секако дека е веќе доцна за тие луѓе и секако дека возачот и полицијата, веројатно од Тетово, не можат да знаат што се случува со капиите во Клинички во Скопје. Ама затоа треба да има нешто што се вика систем и процедура која овозможува функционирање на сите најмали запчаници во механизмот без разлика ако на другиот крај на машинеријата се случила хаварија, а не сите да се изненадени од сè, и едните што начекале затворена капија, и другите што некој сакал да им влезе од затворената капија.

А за тоа функционирање во случајов требаше многу малку, некој да им јави во Судска медицина да отворат порти, а ако не се отвораат да остават еден човек што ќе ги одведе Брзата помош и полицијата од правилниот влез, или некој во тој еден час патување од Тетово да им каже на возачите од каде да влезат, или едноставно да ги пречека патролна кола на полицијата и да ги одведе до влез, или што и да е што ќе остави чувство, па макар и привидно, дека што било функционира во државава, а не дека е збир на дилетанти што во слободно време си играат држава.

Затоа ги викаат неспособни.

Јурук

П.С. На снимката се гледа дека доаѓаат од сервисната улица над Клинички центар (уличето за Тасино чешмиче) што значи дека веќе минале покрај два функционални влеза за во Клинички центар. Сигурно има причина зошто не влегле преку нив.

9 септември 2021 - 10:22