Трибините зјаат празни во Сочи

И покрај тоа што организаторите велат дека 92% од влезниците се распродадени, сликите од празните седиште на спортските борилишта во Сочи го тврдат спротивното.

Повторно истиот проблем со Олимписките игри. Организаторите на Олимписките игри во Лондон ги полнеа празните седишта со војска, а нивните колеги од Сочи ги канат волонтерите за да ги пополнат празните места на помалку популарните натпревари.

Портпаролот на организацискиот комитет, Александра Костерина потврди дека на волонтерите им е понудена „програма за мотивација", односно по одработените часови ќе им бидат подарени влезници за некои натпреварувања.

Од сликите од Сочи можеме да заклучиме дека во борилиштата зјаат празни места, а се претпоставува дека причина за слабата посетеност се стравот од терористичките закани, одалеченоста на некои локации, но и високите трошоци за патување до Сочи и сместување за време на Олимписките игри.

Сепак организаторите тврдат дека 92% од влезниците се продадени, но некои гледачи не доаѓаат на натпреварите. Само на првите два дена од натпреварувањето 4.000 гледачи со купени влезници не се појавиле или доцнеле на случувањата.

11 февруари 2014 - 15:04