Тајната на успехот на Вавринка

Станислас Вавринка го изненади светот со триумфот на Гренд слем турнирот во Австралија, а неговиот успех се темели на психолошкиот пристап вграден од неговиот тренер, како и мотивацијата од една тетоважа.

Првиот шок се случи во утринските часови во вторникот кога Вавринка го изненади тогаш актуелниот освојувач на првиот Гренд слем турнир во сезоната, Новак Ѓоковиќ со победа во пет сетови.

Вавринка се избори за полуфинале по четири часа игра, а два дена подоцна влезе и во своето прво финале на Гренд слем турнир со победа над Томаш Бердих.

Победата над Бердих не беше големо изненадување, но триумфот над Ѓоковиќ беше вистински шок. Единствените две победи над српскиот тенисер тој ги имаше остварено на нивните први три меѓусебни дуели, по што тој ги загуби следните 14.

Најголемиот шок следеше во неделата. Вавринка го совлада Рафаел Надал, светскиот рекет број 1 во финалето на Австралија Опен со 3:1 и ја освои првата титула од Гренд слем турнирите.

Во што е тајната на преобразната на Вавринка од човек кој до пред две сезони ги губеше натпреварите против најдобрите уште пред да искочи на терен, во човек кој го покори светскиот тениски врв?

Одговорот е во психолошкиот пристап на тие натпревари кој му го има всадено шведскиот тренер Магнус Норман со кој почна да работи минатата година.

А за на теренот да не ги заборави работите кои неговиот тренер му ги кажува, Вавринка одлучи да ја истетовира својата лева подлактица со интересен цитат од Семјуел Бекет:

"Ever tried. Ever failed. No matter. Try again. Fail again. Fail better", пишува на раката на швајцарскиот тенисер. Тоа отприлика би се превело како: „Дали си се обидел. Не си успел. Нема врска. Пробај повторно. Изгуби повторно. Изгуби подобро."

Со други зборови, Норман од Вавринка бара тој да не се предава однапред пред дуелите со Надал, Ѓоковиќ и Федерер. Не е важно дали ќе победи, туку да биде подобар од претходниот обид.

Станислас Вавринка против овие тројца тенисери имаше забележано вкупно неверојатни 40 порази, но на првиот Гренд слем оваа сезона не само што беше подобар од неговите претходни обиди, туку успеа да го покори светскиот тениски врв и да се искачи на тронот во Австралија.