Олимпиецот кој ќе биде полош и од нашиот

Нашите натпреварувачи на Олимписките игри секогаш се при дното, но никогаш не се последни само благодарение на ентузијастите како Дахири Шерпа од Непал.

На секои Олимписки игри има по некој лик кој завршува последен, но има инспиративна приказна зад него. Еден од нив ќе биде и ѕидарот Дахири Шерпа.

Нордискиот ски-тркач од Непал ќе биде единствен претставник од неговата земја во Сочи. На него му е јасно дека ќе биде на дното, но неговат цел не е да освои медал, туку да ги мотивира своите млади сонародници да се бават со спорт и да си ги остварат соништата.

„Земав четири месеци одмор од работа и скијав секој ден за да се подготвам, но се уште не сум во совршена форма. Мислам дека постои голема шанса да бидам последен. Но пласманот не е важен ако младите луѓе од Непал можат да научат нешто од олимпискиот дух. Тој дух е во моето срце", изјави ѕидарот кој секои четири години се претвора во скијач.

Шерпа има 44 години и исто како и нашиот Дарко Дамјановски, на Олимписки игри ќе се натпреварува по трет пат.

На Зимските Олимписки игри во Торино во 2006-та година Дамјановски на трката на 15 километри беше на 84-та позиција, а Шерпа на 94-та од 96 натпреварувачи.

Четири години подоцна Дамјановски го зазеде 85-то место, а Шерпа го оствари неговиот најдобар резултат и се пласираше на 92-та позиција од вкупно 95 скијачи.

Зад нив остануваа само нордијците од Костарика, Перу, Тајланд, Етиопија...