Нико Розберг победник на Каталуња

Шампионатот во Ф1 продолжи со денешната трка за ГН на Шпанија, на патеката Каталуња каде Германецот Нико Розберг од Мерцедес прв ја помина целта.

Нико Розберг на најдобар можен начин ја искористи пол позицијата, освоена на вчерашните квалификации. За триумфот на Мерцедес да биде поголем се погрижи Луис Хамилтон кој го освои второто место. Третата позиција му припадна на Себастијан Фетел кој сезонава вози за Ферари.

Ова беше трета двојна победа на Мерцедес сезонава. Од почетокот на трката, Розберг возеше сигурно и само два пати отиде во боксот, за разлика од тимскиот колега Хамилтон кој три пати влезе „на сервис“. Британецот ја почна трката со лош потег посла првата кривина, кога остана трет. Веќе од десеттиот круг беше очигледно дека само чудо може да го спречи Нико Розберг да стигне до триумфот, затоа што го постави најбрзиот круг и брзо се одлепи на седум секунди предност.

Финишот на трката го одбележи инцидентот меѓу Сајнц и Квјат, за кој надлежните во Ф1 соопштија дека ќе спроведат истрага.

После овој триумф, Нико има 91 бод во генералниот пласман или 20 помалку од Хамилтон кој досега собра вкупно 111. Зад нив се Фетел со 80, Раиконен, Ботас, Маса, Рикардо, Грожан, Наср и Сајнц. Следната трка во Ф1 шампионатот ќе се вози на 24. Мај во Монте Карло за Големата награда на Монако.