Фетел и Ред Бул стануваат здодевни

Светскиот првак во Формула 1 шампионатот, Себастијан Фетел продолжи да доминира на патеките. Овој пат тој немаше конкуренција на трката за Големата на града на Абу Даби каде Ред Бул оствари еден-два победа.

Откако минатата недела Себастијан Фетел и математички ја осигура четвртата титула во серија, Германецот не застана и продолжи да ја тероризира конкуренцијата. Тој извозе со време 1:38:06.106 на патеката во Абу Даби и ја забележа 11-та победа оваа сезона.

Ова воедно беше и седма победа во серија за Фетел со што тој го израмни рекордот на Михаел Шумахер од 2004-та година.

Од пол позицијата тргна Марк Вебер, но тој веднаш беше претекнат од неговиот клупски колега по што Фетел доминираше до крајот.

Фетел и Вебер ги освоија првите две позиции за еден-два победа на Ред Бул, а на третата позиција заврши Нико Розбер. Зад нив беа Грожан, Алонсо, Ди Реста, Хамилтон, Маса, Перез и Зутил.

Следната трка ќе се вози на 17 ноември во САД, а сезоната ќе заврши седум денови подоцна со трката во Бразил.

3 ноември 2013 - 16:03