Ферари вреди три пати повеќе од Ред Бул

И покрај тоа што за последните три сезони на рангирањето за конструктори на првото место заврши Ред Бул, а вредноста на нивниот тим од 2010-та е порасната за 67%, сепак тие се само трет највреден тим во Формула 1. Далеку пред нив сè уште се Ферари и Мекларен.

Во последните три години Себастијан Фетел триумфираше во Формула 1 шампионатот, а неговиот тим беше прв на генералниот пласман за конструктори. Само од наградниот фонд тие минатата година заработија 98 милиони долари и нивната вкупна вредност достигна до 400 милиони долари, што претставува пораст за 67% во период од две години.

Сепак младиот тим кој дебитираше пред седум години треба да вложи уште многу труд за да ги достигне највредните тимови.

Највреден тим во Формула 1 шампионатот е Ферари чија вредност изнесува 1,15 милијарди долари. Тие само од спонзорите заработуваат околу 250 милиони долари годишно. Италијанскиот тим има специјален третман од Ф1 и добива 2,5% од вкупната заработка на спортот. Нивниот статус на најстар и најтрофеен тим во Ф1 им дозволува да се закануваат дека ќе го напуштат шампионатот, па во иднина можеби ќе добиваат и по 5% од заработката на Формула 1.

Мекларен е единствен тим во Ф1 кој во последните години бележи пад на вредноста. Сепак овој пад е помал од 1% и со 805 милиони долари тие се втор највреден тим. Мекларен само од спонзорскиот договор со Водафон заработува 75 милиони долари годишно.

На четвртата позиција е Мерцедес со вредност од 390 милиони, а петти по вредност е тимот на Вилијамс со 290 милиони долари.

Вкупната вредност на 12 тимови од Формула 1 шампионатот изнесува 4,05 милијарди долари, односно во просек еден тим вреди 337 милиони долари, а просечниот годишен приход изнесува 145 милиони долари.

27 ноември 2012 - 15:02