Заврши сонот на ЖРК Вардар наречен европска титула

Тешки мигови за Вардарки. Ракометарките на Ѓер го одбранија европскиот трофеј во драматично финале кое се решаваше во продолженија два пати по 5 минути. Андреа Чанаџија промаши зицер во последна секунда за пенали. Штета.

Проклетството на Вардарки продолжи и во петтиот фајнлфор по ред и во второто финале во кое повторно на тронот на Европа останува Ѓер, тимот кој две години по ред го остава ЖРК Вардар со сребрен медал.

ЖРК Вардар и Ѓер водеа лавовска битка за трофејот кој силно го посакуваа и двете екипи, но лошата серија против Унгарките продолжува. Последниот и единствен триумф на македонскиот првак против Ѓер останува оној во четвртфиналето, одигран во април 2015-та.

Избраничките на Дибирова имаа лош старт и само еден постигнат гол во првите 7 минути кога домаќинките имаа највисоки 4:1. Тоа беше период во кој Ѓер целосно доминираше, а Вардарки имаа проблеми во организацијата на играта.

Мечот целосно се сврти во вториот дел од првото полувреме кога и двете екипи ја стегнаа одбраната која беше белег на мечот. Посебно Вардарки која исто како против Ростов ја имаа феноменалната Лејно која бранеше што ќе стигне и само во првите 30 минути имаше 9 интервеции.

Ѓер влезе во страшно лоша серија без постигнат гол дури 11 минути во периодот од 17-та до 28-ма минута. Колективната игра на Вардар не функционираше, па затоа Лекиќ ги зема работите во свои раце и со индивидуални решенија три пати го торпедираше голот.

Од 7:4, Вардарки со серија од 4:0 направија пресврт на 7:8, но не успеаа во финишот да ја сочуваат предноста, прва на мечот и на полувреме беше 9:9. 

Вардар одлично го стартуваше второто полувреме и поведе со два гола предност, но Лекиќ и Лакрабер промашија два седмерци по ред, а Ѓер тоа го казни и во 46-та минута го вратија водството. Мечот влезе во голема неизвесност и се играше постојано гол за гол, а проработи шутот и на Радичевиќ.

Жестоката битка на теренот кулминираше со драма, својствена за едно вакво финале. Лекиќ постигна гол во стилот на Дибиров за водство на Вардар на 20 секунди до крајот, но Ѓер го искористи последниот напад и го однесе натпреварот во продолженија два пати по 5 минути.

Унгарскиот состав успеа да се одлепи и на +3, но не беше ништо загубено. Вардарки во второто полувреме намалија на -1 и во последните мигови тргнаа во контра за реми кое ќе значеше пенали, но Лекиќ несебично ја проигра Чанаџија која не успеа да го израмни резултатот. На крај 27-26.

Респект за Лејно која блесна со 18 одбрани. Лекиќ го заврши мечот со 6, а Радичевиќ со 4 гола.

По толку работа и труд, овој проект на Вардарки за жал завршува без толку посакуваниот европски трофеј. Од следната сезона клубот продолжува да се натпреварува со македонски ракометарки.

13 мај 2018 - 20:02