Величествената кариера на нишлијата Карабатиќ со 11 златни медали

Замислете да сте спортист и од 2002-ра година до денес, секоја година со исклучок на една, сета пот и сите жртви, на крајот на сезоната да ви се вратат со шампионска првенствена титула. А да е само тоа?

Ако некој ракометар не смее да се пожали за било што во својата кариерата и може најмирно и најспокојно да се впушти во играчка пензија, тоа дефинитивно е Никола Карабатиќ, великан и крал на ракометот.

Терминот GOAT е многу популарен во светот на спортот и со англиска терминологија го означува најдобриот на сите времиња. Но нејасно е или поточно, не е утврдено според кои параметри некој спортист е најдобар?

Ако се суди според бројот на трофеи, тогаш во ракометот, тоа дефинитивно е Никола Карабатиќ, човекот кој утринава се разбуди како седми играч со четири титули европски првак.

Тие што не се занимаваат многу со статистика и не читаат Википедија, вреди да го запаметат следниот податок: Карабатиќ стана единствен со трикратен „ракометен Гренд слем“. Што значи тоа?

Има освоено по четири титули на ЕП и СП и по три на ОИ и ЛШ. Во превод тоа значи дека има 11 златни медали со Франција и три клупски европски титули. Ако годинава освои Олимпијада и Лига на шампиони, ќе стигне до 4x4.

Пет години по ред бил на тронот со националниот тим: ОИ 2008, СП 2009, ЕП 2010, СП 2011, ОИ 2012.

Овој човек тешко губи финалиња. Загубил само две и тоа и двете од Данска. Тоа се ланското Светско и на Олимписките игри 2016-та. Тоа се плус два сребрени медали за Карабатиќ кои заедно со бронзените четири и 11 златни, прават збир од 17 медали.

Хансен на пример има 5 златни медали, 5 сребрени и една бронза. Утехата на данискиот ас е што синоќа за еден гол повеќе од Карабатиќ, стана најдобар стрелец во историјата на Европските првенства со 296 гола.

Чудесни се бројките во кариерата на Французинот и тешко достижни. Брои неверојатни 61 клупски трофеи, освоени во три земји со четири екипи. Кире Лазаров има 45.

Ако одиме подетално, тој е 15 кратен првак на Франција, седум пати со Монпеље, а потоа осум пати со ПСЖ и тоа по ред, како и четирикратен првак на Германија со Кил и двократен во Шпанија со Барселона. 

Лигата на шампиони ја освои 2003-та со Монпеље, 2007-ма со Кил и 2015-та со дрим тимот на Барселона, кога дел од екипата беше и Лазаров.

Внимавајте добро на следниот податок. Во периодот од 2000-та до денес, само во три сезони не освоил шампионска првенствена титула.

Тоа се неговите први две сезони во кариерата, 2000-та и 2001-ва како 16 и 17 годишник и 2013-та кога настапувал за Pays d'Aix Université Club во периодот февруари - јуни.

Единствен, но и не баш битен податок во бројки, со оглед на досега наведеното е што не е на врвот според бројот на репрезентативници голови. Се наоѓа на 14-та позиција со 1.255 комада. Лазаров е трет со 1.728, а прв е Сигурдсон со 1.879.

Инаку судбината на Карабатиќ да го облече францускиот дрес се должи на тоа што татко му Бранко таму добил работа. Во Франција се преселиле кога Никола имал 3 години.

Бранко бил ракометар и играл во Железничар од Ниш и таму всушност се раѓа Никола на 11 април 1984-та од мешан брак. Татко му е Хрват, а мајка му Радмила е од Србија.

Никола Карабатиќ зборува српско-хрватски, француски, англиски, германски и шпански.

29 јануари 2024 - 14:00