Ракометна Лига на шампиони

Вардарки до важен триумф во Романија

Ракометарките на македонскиот шампион вечерва во Романија го совладаа тимот на Букурешт со 30:25 и го обезбедија третото место во главната фаза кое носи извесно полесен противник во четвртфиналето.

Освен почетното водство од 1:0, Романките во следните 9 минути немаа многу простор за маневар против гранитната одбрана на Вардарки кои пред истекот на првите 10 минути стекнаа убедлива предност од 5 голови (1-5).

Како и многу пати сезонава, така и вечерва избраничките на Инди Кастратовиќ имаа благ пад во играта и за две минути Букурешт постигна 3 голови во серија и намали на 4-5. Кризата за среќа кратко траеше, така што девојките во црвено-црно веднаш се вратија на сигурната позитива и поведоа со 8:13.

Од тој момент доминираше Андреа Лекиќ која со фантастичниот петти погодок го однесе Вардар на речиси недостижни 9:16 на неколку минути пред крајот на полувремето кое заврши 11-17.

Вториот дел започна во знак на Букурешт кој со притисок од трибините успеа да намали 17:20 (Вардарки дадоа само три а домаќинките дури шест гола). Сигурноста дојде од двете Андреи, Пенезиќ и Лекиќ кои во финишот стрелаа прецизно за сигурен триумф на Вардар од 30:25.

Токму овие ракометарки беа најефикасни вечерва, Србинката даде 9 голови, а Пенезиќ 7. Мартин кај Букурешт даде шест голови, а Линеа Торстен пет. Со овој триумф, Скопјанки сега имаат 10 бодови, дури три повеќе од Букурешт и само чудо би ги одвоило од третото место. За таков епилог, Романките треба да го победат Ѓер дома и Митјиланд на гости, а Вардар да не слави против Савехоф на гости и Будуќност (во недела во Скопје).