Потоп на Македонија

По три перфектни кола без пораз, македонската ракометна репрезентација ја започна втората групна фаза на најлош можен начин. Пораз од 11 голови разлика, оддалечување од сонот наречен полуфинале за кое сè уште имаме шанси и повреда на Кире Лазаров.

Кога за 30 минути игра ќе постигнеш само бедни 6 гола, тогаш јасно е дека не можеш да очекуваш чудо и победа во второ полувреме, особено не против една Шпанија, која е двократен светски првак.
 
Избраниците на Раул Гонзалес го одиграа најлошиот меч на ова Европско првенство кој се надеваме дека нема да се повтори. Великанот Шпанија тотално нè надмудри и нè надигра во текот на целиот меч кој беше практично решен во првиот дел кој го добија со 15:6.
 
Македонија се мачеше, немаше решенија во напад за шпанската одбрана и само во прво полувреме направи 14 технички грешки. До 15-та минута даде два гола, ама ниту еден од игра, туку и двата беа седмерци.
 
Единствената светла точка во првиот дел беше Борко Ристоски со 7 одбрани, но неговите колеги тоа не го наградија и имаа само 26% успешни удари. Капак на сè во мачниот меч за нашата селекција беше повредата на капитенот Лазаров кој беше приморан да седне на клупа по само 11 минути игра.

Македонија беше повеќе од двојно поефикасна во второто полувреме, но Де Варгас душа им извади на нашите ракометари со одбраните и мечот го заврши со вкупно 18 иинтервенции.
 
Разликата од 9 погодоци разлика на полувреме беше јасно дека ќе биде чудо да се стопи против еден ваков силен противник, кој го контролираше постојано огромното водство и на крајот славеше со 31:20.
 
Никола Митревски блесна на голот во второ полувреме во кое собра вкупно 14 обрани, а најефикасни во нашиот табор беа Манасков и Стоилов со по 4 гола.
 
Вториот меч го играме во вторник против Чешка со почеток од 20:30 часот и само со победа може да се надеваме дека ќе останеме во игра за тоа сензационално полуфинале.

21 јануари 2018 - 22:00