Македонија со пораз го отвори еврошампионатот

Ракометната селекција на Македонија беше немоќна против домаќинот и актуелен освојувач на Европското ракометно првенство кој водеше во текот на целиот меч и на крајот стигна до триумф од 29:21.

Домаќините на 11 Европски ракометен шампионат фуриозно го стартуваа мечот и по 8 минути игра направија серија од 5:0. Македонија делуваше загубено и немаше одговор на почетокот кој целосно им припадна на Данците кои продолжија во ист ритам до средината од првиот дел кога имаа 9:2.

Нашите ракометари излегоа од грчот кој го имаа во првите 15 минути и покажаа заби правејќи серија од 4:0 со што ја намалија негативата на 9:6. Одличен на голот беше Борко Ристовски кој одбрани два пенали во првото полувреме.

Данците погодија со играч помалку, а по вториот нереализиран удар од седум метри следуваа по две одбрани на две страни од игра. Успешната интервенција на Ристовски нашиот состав ја искористи со третиот реализиран пенал на Лазаров кој повторно намали на -3. Данска погоди по тајм аутот на Обрван за 12:8 на паузата.

Домаќините го отворија со гол и второто полувреме, а на тоа со први погодоци одговорија Ангеловски и Георгиевски и намалија на 13:10. Ристовски во меѓувреме одбрани и трет пенал, но селекцијата на Данска направи серија од 3:0 за +7 во 45 минута идентично како во првиот дел.

Македонија се трудеше да ја стопи предноста, но немаше сили да ја намали негативата помалку од 5 гола разлика. Данците пред крајот стигнаа и до највисоки +8 и на крајот обезбедија триумф од 29:21.

Најефикасен во нашата селекција беше Кире Лазаров со 7 гола, а втор беше Никола Стојчевски со 3 погодоци. Борко Ристовски оствари 15 одбрани само две помалку од неговиот дански колега Јакобсен.

Во вторник со почеток од 18:15 часот не очекува втората битка против Чешка.

12 јануари 2014 - 22:11