Македонија со најубедливиот пораз го завршува европското

Ракометната селекција на Македонија очекувано тешко се носеше во дуелот против светскиот првак Шпанија, кој влезе со многу поголеми мотиви на овој натпревар и кој го потопи нашиот национален тим со 33.22.

Првите 15 минути од средбата беа единствените во кои Македонија добро се носеше со идниот полуфиналист на ова првенство. Натпреварот се одвиваше гол за гол и во таа прва половина од првото полувреме нашите ракометари ја одржуваа неизвесноста до резултат 7:7.

Шпанците притиснаа во продолжението од мечот и направија серија од +3. Од тој момент нашите ракометари како да се помирија со тоа што ќе следи и беа немоќни да му се доближат на светскиот шампион. Шпанија со истата предност од 15:12 замина и на паузата.

Работите во вториот дел одеа постојано во корист на фаворитот на овој дуел кој за само нешто повеќе од 4 минути ја зголеми предност на +6. Шпанците во 40 минута имаа и 9 гола предност 23:14, а нашите пререзентативци потоа успеаа да намалат само на 6 гола разлика.

Македонија немаше повеќе мотиви на овој натпревар кој беше само формален за нашите ракометари кои на 5 минути до крајот имаа и двоцифрена негатива. Шпанците кои се пласираа помеѓу најдобрите 4 екипи на ова европско на крајот триумфираа со 33:22.

Најпрецизен во нашиот табор беше Филип Миркуловски со 7 погодоци, а Манасков и Стоилов постигнаа по 4. Олиснителна околност за противникот беше и отсуството на нашиот капитен Лазаров кој не настапи поради повреда.

Македонската ракометна репрезентација заврши на историското 5 место на минатото европско во Србија, а овој пат авантурата во Данска ја завршуваме на 10 позиција со четири порази, едно реми и само една победа.

22 јануари 2014 - 17:41