Лајпциг 41 пат ја вадеше топката од гол во Јане Сандански

Ракометарките на ЖРК Вардар го демолираа Лајпциг за прва победа во второто коло од ракометната Лига на шампиони. Конечниот резултат на мечот личи како македонскиот првак да играл меч од домашното првенство.

Уште првата третина од мечот како да беше показател дека ЖРК Вардар вечерва нема да има достоен противник кој ќе внесе неизвесност. На семафорот по 9 минути игра стоеше 7:1 кои се должеа на лесното разбивање на одбраната на Лајпциг, како и одличниот старт на Лејно која во првите 30 минути имаше 10 интервенции.
 
Постот на Германките го прекина Миневскаја, но тоа не беше некаков знак за нивен резултатски приклучок. Лајпциг во првиот дел извади максимум во 11 и 28 минута минута кога стигна до -4, а најголемата негатива ја имаа во 13-та минута кога беше 11:4 за Вардарки.
 
Македонскиот шампион ја диктираше предноста и првиот дел донесе ефикасен ракомет со резултат 19:14. Половина од головите на Вардар беа дело на Радичевиќ и Пенезиќ.
 
Второто полувреме беше кошмар за гостинските кои под итно треба да си ја погледат снимката од мечот бидејќи успеаа да постигнат 10 гола, а примија 22. Дека нема назад за нив на овој меч покажа резултатот во 45 минута кога губеа 31:21, а потоа целосно застанаа и Вардарки направија серија од 8:0 за целосен дебакл.
 
Конечниот резултат на средбата е 41:24. Најпрецизна ракометарка кај ЖРК Вардар е Радичевиќ со 6 погодоци, а по 5 постигнаа Пенезиќ, Мавсар, Дамјановиќ, Хмирова и Ристовска. Лејно броеше до 12 интервенции, а Песоа до 10.
 
Астраханочка од Русија е противникот во третото коло од Лигата на шампионите за ЖРК Вардар, меч кој го игра на гости на 29 октомври.
21 октомври 2016 - 22:07