Зошто ја мешате Ана Франк во ривалските препукувања?

Фракција од крајно десничарски ултраси на Лацио искористила престој на трибината на нивните вечни ривали за да им го ишкрта вториот дом и да им излепи налепници од Ана Франк во дрес на Рома како алузија на еврејството на „Џалоросите“. Бурна реакција на еврејската заедница во Рим.

Фудбалската федерација на Италија и тамошното судство ќе отвори истрага за тоа што се случило во неделата вечерта на мечот Лацио - Каљари.

Откако федерацијата им ја затвори трибината за два домашни меча поради расистички испади на мечот против Сасуоло, најрадикалните навивачи на Лацио ги искористиле отворените врати на Јужната трибина (Curva Sud) да го гледаат мечот против Каљари во неделата вечер.

Лацијалите го искористиле тоа за да остават трага кај Романистите па освен натписи со спрејови, ги исполепиле и плексигласите со кои е поделена трибината.

Меѓу налепниците имало и такви со најпознатото еврејско девојче од ужасниот холокауст, Ана Франк која ја претставиле облечена во дрес на Рома како алузија на еврејството на ривалскиот клуб.

Целиот случај ја разбрани италијанската јавност, а управата на Лацио денес напладне отишла во римска синагога да положи цвеќе во спомен на загинатите Евреи.

„Лацио секогаш осудува секаква форма на расизам. Станува збор за мала група на луѓе коишто не се дел од тифозите кои секогаш се однесуваат добро и на прав начин го бодрат клубот. Оваа мала група прави штети од огромни размери на нашата управа која вложува максимални напори да биде во чекор со времето. Нашата блискост до еврејската заедница ќе ја манифестираме во 12 часот кога делегација на Лацио заедно со претседателот Клаудио Лотито и играчите Фелипе Андерсон и Валас ќе положи букет цвеќе во синагогата“.

По положувањето свежо цвеќе, изјава за случајот даде и самиот Лотито:

„Лацио ќе покрене иницијатива, секоја година да носиме по 200 навивачи во Аушвиц за тие деца да научат што се случило таму“.

Се огласи и градоначалничката на Рим, Вирџинија Раџи која на Твитер напиша:
„Ова не е фудбал, ова не е спорт. Анти-семитите надвор од стадоните.“

Во меѓувреме Италијанската фудбалска федерација соопшти дека пред почетокот на натпреварите од 10. коло следниот викенд, на сите терени ќе се читаат сегменти од „Дневникот на Ана Франк“. 

24 октомври 2017 - 12:39