Динамо Загреб ќе има поддршка од најверните

После шест години, Бед Блу Бојс кренаа бело знаме

Првпат после 2010. година кога официјално стапија во бојкот против „криминалецот кој го приватизираше клубот за семејни потреби“ Здравко Мамиќ, организираната навивачка група Бед Блу Бојс ќе се врати на својата матична трибина.

Бојси како да сфатија дека борбата против Мамиќ беше Дон Кихотовска и дека на нивниот сакан клуб му се потребни. Планираат да се вратат на 27. септември кога на Максимир ќе гостува Јувентус, во рамките на Лигата на шампионите. Само неколку дена подоцна ќе присуствуваат и на дербито против Хајдук во Загреб, пишува Јутарњи.

Последните месеци на големо се зборуваше, а сега и официјално паднал договор меѓу управата на Динамо и водечките ликови во БББ. Тоа ќе биде конечен епилог на бесмислената битка од која најголема жртва беше џелатот на скопски Вардар во квалификациите за ЛШ.

Една од примарните цели на загрепските навивачи беше да ја истуркаат тезата „еден член – еден глас“, по примерот на шпанските „социоси“. Во меѓувреме тие основаа свој футсал клуб кој масовно го следаа, се собираа, бојкотираа, протестираа. Го следеа Динамо претежно на гостувањата во Хрватска и ширум Европа каде најчесто скандираа против Здравко Мамиќ.

„Можеби веќе нема смисла да одиме со глава во ѕид, но го почитуваме ставот на групата. Кога велат дека се враќаме, тоа значи дека доаѓаме на Север“, велат поединци од групата за хрватскиот Јутарњи.

Летово Здравко Мамиќ и формално ја напушти фунцкијата „алфа и омега“ во клубот, иако оправдани се гласините дека тој од сенка раководи со „Модрите“. Брат му Зоран Мамиќ замина да биде тренер во Саудиска Арабија (на 5 дена пред мечот со Вардар), така што Бојси процениле дека дошло време да се вратат на Максимир и започнале преговори со клубот кој никогаш не криеше дека ги сака назад своите најверни.

Тие инсистирале на преговорите присутен да биде Игор Цвитановиќ, легендата на Динамо кој во меѓувреме замина од клубот, така што на крајот со Бојси разговарале Томислав Светина и Крешимир Антолиќ.

Еден од условите кои навивачите го прифатиле е да нема веќе скандирање „Мамиќу цигане“, нема фрлање бакљи на терен поради кои клубот плаќал казни и нема веќе прешкртан лик на Мамиќ. Како најголема препрека во моментов се гледа судирот меѓу Бојси и фракцијата која за време на бојкотот навиваше за Динамо поради што ги нарекоа „Мамичевци“.

8 септември 2016 - 14:21