А да им дадат Златен пехар и на навивачите на Англија?

Англиската фудбалска репрезентација никако не успева да освои едно Светско првенство, веќе од 66-та, ама затоа нивните навивачи успеаа. Знаете ли колку уапсени има меѓу нив во Катар? Нула. Да чита човек и да не верува.

Англија испадна од Светското првенство во четвртфинале и дочека да нема ниту еден уапсен навивач на планетарниот фудбалски собир.

Началникот на полициската единица за фудбал во Велика Британија, Марк Робертс го пофали однесувањето на навивачите и вели дека ова е прв пат да помине Светско без нивен уапсен навивач.

Тој смета дека за тоа придонеле строгите закони за продажба на алкохол, како и забраната со пивото на само два дена пред стартот на Мундијалот.

„Во Катар бележиме нула инциденти и нула апсења на британски државјани. Однесувањето на навивачите на Англија и Велс беше апсолутно примерно. На Светското во Русија имаше три апсења. Со оглед на тоа што имавме две репрезентации на овој турнир, одигравме двојни натпревари од групната фаза, вклучително и дерби меѓу нив, тоа ја нагласува добрата природа на нашите навивачи. Традиционално имаме малку апсења на Светските првенства, но да имаме нула е нешто што не сме го виделе претходно. Би било погрешно ова одлично однесување целосно да се припише на ограничувањата на алкохолот во Катар, но мислам дека тоа помогна до одреден степен“, вели полицискиот началник кој ги пофали и неговите колеги кои отпатуваа во Катар за да помогнат за безбедноста.

Арно ама на домашен терен, во цела Велика Британија, за време на Светското во полицискиот билтен се влезени вкупно 531 инцидент од кои 150 за време на четвртфиналето, кога Англија беше елиминирана од Франција.

Англичаните можат да се пофалат со 0 апсења во Катар, но дома имале 115 поврзани со фудбалот.

Инаку двата претставника од островот на секој меч во групната фаза имале по 3.000 навивачи на трибините, а за нокаут фазата отпатувале уште 3.500 Англичани.

23 декември 2022 - 14:39