Реплика на поранешниот селектор на Македонија

Џикиќ: Зошто Пеце од април ми се јави само еднаш?

Српскиот стратег Александар Џикиќ кој на два дена пред стартот на подготовките неочекувано доби отказ од кошаркарската федерација на Македонија, за Офф.нет.мк вели дека во моментов двајца луѓе одлучуваат за сè во МКФ од кои едниот веројатно ќе биде следен селектор.

Спортскиот директор на репрезентацијата, Заре Марковски на денешната прес конференција зборуваше дека со Џикиќ се разделиле откако била нарушена довербата поради премиите кои тој предвреме ги барал. Џикиќ во телефонски разговор од Белград ни објасни дека во МКФ го прекршиле договореното.

"Кога Пеце Наумовски стана претседател на МКФ? Во април. Од тогаш до денес само еднаш ми се јави. Во буквално првиот разговор со него, ми кажа ние немаме пари, дали си спремен да работиш за помалку пари?, на што јас одговорив дека така не е договорено. Ме обвинуваа дека сум сакал да направам приватна репрезентација, па како јас човек од страна кој никогаш досега не работел во Македонија можам да направам приватна репрезентација? За премиите за пласман на ЕП се зборуваше уште на почетокот на јуни. Зошто тогаш не ја раскинаа соработката? Зошто чекаа два дена до почеток на подготовките. Јас ги имам сите мејлови од федерацијата и можам да ви ги презентирам и да видите што сме се договориле“, вели Џикиќ, револтиран од развојот на настаните.

Тој не бил консултиран и кога го одбрале новиот кондиционен тренер.

„Зошто си замина Емил Рајковиќ? Ангажираат кондиционен тренер од странство без да ми кажат претходно. Влечат потези без да се консултираат со членовите од стручниот штаб. Уште од стартот намерата им беше јасна, а сега само ја остварија. Јасно е кој ќе ги влече сите потези. Уште при првото појавување на Заре Маркоски, неговата желба беше тој да ја води селекцијата. Додека бев селектор, Заре Маркоски даваше изјава дека би сакал да биде селектор, па каде е тука професионализмот и коректноста кон колегите? За целиот престој во Македонија немав ниту најмал проблем со кошаркарите, прашајте ги сами, уверете се во тоа. Мило ми е што гледам дека јавноста реално ги согледува настаните и знае кој е во право, а кој не. Мене ми беше мило што успеавме да се пласираме на Европско и сакав да ги водам момците на тој турнир. Сега веќе е очигледно дека Србиновски ќе фигурира како селектор, но потезите ќе ги влече човекот кој наводно ќе седи до него", вели Џикиќ.

Џикиќ се повика и на изјавата на поранешниот селектор Марин Докузовски, кој отворено застана на страна на Србинот.

„Видовте и сами што кажа Марин Докузовски дека стручниот совет ниту еднаш не е консултиран за потезите кои ги влечат само двајца. Докузовски отворено кажа дека ниту тој, ниту никој друг од стручниот совет не бил прашан за мојата смена. Што повеќе да очекувате од таков однос“, констатираше Џикиќ кој додаде дека е спремен во секое време и секаде да разговара за проблемот кој ја потресе македонската кошарка.

Македонија го отвора ЕП на 5. септември со дуел против Грција во Загреб, а во групата се уште и Хрватска, Словенија, Грузија и Холандија.