Поентерско шоу на Галинари во Денвер, Антиќ настапи по инцидентот

Кошаркарите на Атланта Хокс поставија нов клупски рекорд, откако синоќа го совладаа Шарлот Хорнетс 104:80. По инцидентот во средата, Антиќ заигра и даде 5 поени. Денвер и Далас Маверикс уфрлија вкупно 288 поени, најмногу во последниве 3 години во НБА.

Мајк Мускала одлично го заменува повредениот Пол Милсап, кој пропушти и трет натпревар по ред. Мускала синоќа против Шарлот уфрли 17 поени (8-9 од игра) и е сè поблизу до првата петорка пред плејофот.

Кајл Корвер додаде 16 поени, а Ал Хорфорд 15 со осум скокови за Јастребите. За 13 минути на паркетот, Антиќ имаше 5 поени, 2 дефанзивни скока и една асистенција, а неговиот „колега“ од њујоршката дискотека, Тебо Сефолоша не играше поради повреда која ќе го оддалечи цела сезона од терените.. Трој Дениелс беше најефикасен кај Хорнетси со 15 поени, Џејсон Максиел уфрли 13 поени со 4 скокови.

Атланта стигна до 60. победа во сезоната, што е нов рекорд на франшизата. Претходниот датираше од сезоните 1986-87 и 1993-94, кога Атланта остварила 57 триумфи.

Во најефикасниот меч во НБА од 2012. година, Далас го совлада Денвер на гости 144:143 после две продолженија. Последен натпревар на кој паднаа повеќе од 285 поени беше оној меѓу Оклахома Сити Тандер и Минесота Тимбервулвс на 23 март 2012 година.
 
Данило Галинари уфрли неверојатни 47 поени, најмногу во неговата кариера. Италијанецот погоди 15 од 23 обиди за два поени и дури седум тројки. Од слободни фрлања, Галинари уфрли 10/10. „Гало“ најголема поддршка имаше од Тај Лосон кој оствари рекорд на кариерата со 18 асистенции, а притоа уфрли 19 поени. Вилсон Чендлер оствари дабл-дабл учинок со 19 поени и дури 11 скокови.
 
Сепак тоа не беше доволно да се добие Далас, во кој Новицки беше најефикасен со 25 поени, 9 скокови и 4 асистенции, а Ричард Џеферсон уфрли сезонава најмногу 24. Монта Елис запиша 19 поени со 5 асистенции.
 
 
ТОП10 потези на вечерта:
 
НБА резултати:
 
Орландо - Торонто 99:101
Атланта - Шарлот 104:80
Бруклин - Вашингтон 117:80
Кливленд - Бостон 90:99
Детроит - Индијана 103:107
Њујорк - Милвоки 91:99
Хјустон - Сан Антонио 103:104
Њу Орлеанс - Феникс Санс 90:75
Оклахома Сити - Сакраменто 116:103
Денвер - Далас 143:144 (после продолженија)
Јута - Мемфис 88:89
ЛА Лејкерс - Минесота 106:98
11 април 2015 - 09:11