Аеродромци чекаат петка, Црвена Звезда рекорд

Стефан Синовец, кошаркарот кој лани играше за МЗТ од каде замина во Солнок, денес и официјално се врати во клубот од Аеродром. Репрезентативниот центар, Предраг Самарџиски веројатно ќе настапи вечерва против лидерот на табелата, кој брка рекордна 13-та победа по ред во АБА лигата.

После повредите на репрезентативците Марко Симоновски и Дамјан Стојановски, „металците“ ги ангажираа Предраг Самарџиски и Стефан Синовец, кошаркари кои ќе треба да изнесат поголем дел од товарот, како во домашното првенство, така и во АБА лигата. Синовец лани со МЗТ ја освои двојната круна, а по денешниот потпис, право за настап ќе има во четврток, против Мега Лекс на домашен терен.

Официјалниот договор на Твитер го потврди менаџерот на Стефан Синовец, Мишко Ражнатовиќ. Од друга страна, Самарџиски кој дојде од ТЕД Анкара, во својата кариера нема играно во синиот дрес. МЗТ Скопје минатата сезона ја совлада Црвена Звезда во СЦ. Борис Трајковски, а според тренерот Боби Митев, екипата треба да мисли на следните дуели, затоа што црвено-белите годинава се многу посилни од конкурентите во АБА.

На Јадранот, МЗТ во моментов има учинок 4-8, а Белграѓани во Скопје доаѓаат по рекордот од 13-та победа по ред во лигата. Претходно, Олимпија од Љубљана имаше учинок 12-0 по првите 12 средби во првата сезона од АБА лигата.

„МЗТ Скопје е екипа која што направи доста промени од почетокот на сезоната, како во играчкиот кадар, така и во стручниот штаб. Пред нашиот натпревар го ангажираа Предраг Самарџиски кој во секој случај ќе им донесе големо искуство. Сакаме својот квалитет да го ставиме во функција и на гостувањето во Скопје да пружиме уште една добра партија", изјави Дејан Радоњиќ, црногорскиот стратег на клупата на Црвена Звезда.

Белградскиот тим игра одлично и во Евролигата, каде оствари пласман во ТОП16 фазата и веќе на 2. јануари ќе го пречека Реал Мадрид во белградската Комбанк Арена.

„Од тимот на Звезда страв имаат и екипите кои играат во Евролигата, па нормално и ние. Не би сакале да се залажуваме, затоа што тие се преголем клуб за нас. Повеќе би сакал да посветиме внимание на следните средби со Мега Лекс, Задар и Будуќност“, изјави Боби Митев, тренерот на МЗТ на пресот пред овој дуел.

Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром - Црвена Звезда се игра од 20:30 во салата Јане Сандански.