Лука Дончиќ се враќа да ја носи Словенија на Олимпијада: „Нема одмор за мене“

Еден од најдобрите светски кошаркари на денешницата добил фантастична понуда за нов договор за да остане во Маверикс во следните неколку години, а во меѓувреме се враќа во Словенија.

Лука Дончиќ (22) со својот Далас Маверикс направи големо изненадување откако водеа со 0-2 во плејоф серијата против големиот фаворит ЛА Клиперс и тоа со брејк во Лос Анџелес, но тимот на Кавај Ленард направи голем пресврт и со 4-3 оди во следна рунда.

Во текот на една видео конференција Лука Дончиќ изјави дека за него нема одмор летово.

„Моја следна цел е да ја однесам Словенија на Олимписки игри. Се враќам во Словенија и почнувам пак да тренирам, така што нема одмор“, изјавил асот на Далас Маверикс кој имаше фантастична сезона во НБА.

Лука беше најдобар поединец на Мавси во плејофот со просек од 27,2 поени, 8,6 асистенции и 7,2 скока по натпревар.

Репрезентацијата на Словенија од 29 јуни до 4 јули во литванскиот град Каунас ќе учествува на квалификациски турнир за Олимписки Игри 2021. Таму ќе играат уште и домаќинот Литванија, Полска, Јужна Кореја, Венецуела и Ангола.

Во меѓувреме НБА инсајдерите веќе зборуваат за новиот договор кој Мавс му го спремаат на нивниот лидер. Со цел да го задржат уште долги години, ќе му понудат уште повисока плата.