Како помина НБА драфтот?

По пауза од 26 години Сан Антонио Спарс за прв пат бираа први, а изборот очекувано падна на долго најавуваната сензација Виктор Вембанјама, кој има само 19 години и е висок 223 см.

Францускиот центар очекувано стана прв пик на НБА драфтот во 2023 година, откако екипата на Сан Антонио ја искористи предноста да бира прва и го прибра во своите редови талентираниот Французин за кој се крена голема фама.

Спарс бираа први за прв пат по 1997 година кога го избраа Тим Данкан, кој стана легенда и со кој освоија пет НБА титули. 

Кошаркарските стручњаци го нарекоа Вембанјама „чудо од дете“ кое сметаат дека може да биде заменик за Данкан и да испише нова историја во НБА.

Во најсилната лига во светот пристигнува откако на големо изненадување ја однесе екипата на Булоњ до финалето во француското првенство. 

Шарлот бираше втор и се реши за Брендон Милер од универзитетот Алабама, додека пак Портланд го одбра Скот Хендерсон како трет пик.

Потоа следат близнаците Амен и Усар Томпсон, кои како четврти и петти пик завршија во Хјустон и Детроит.

Орландо го избра Ентони Блек од шестата позиција, Индијана се одлучи за Билал Кулибали, Џарас Вокер заврши во Вашингтон, Тејлор Хендрикс е нов член на Јута, а како десетти е избран Кејсон Валас кој стана нов соиграч на Дончиќ во Далас.

За Виктор Вембанјама се огласи и неговиот иден тренер Грег Попович:

„Многу сум возбуден, ама подобро да не скокам горе долу, нели? Би направил салто, ама ќе ме нема три месеци. Сакаме Виктор да биде Виктор. Ќе внимаваме на него и ќе видиме што ќе се случи. Тоа го научив од Ману. Не можете да ги натерате играчите да бидат онакви какви што мислите дека треба да бидат“.

23 јуни 2023 - 16:26